„Доколку ниту еден орган не преземе дејствија за расчистување на сомнежите за набавката на софтвер поврзан со Драги Рашковски, ние веројатно ќе отвориме предмет“, вели шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција, Вилма Русковска за „Слободен печат“.
Изјавата следува откако за „Радио слободна Европа“, од Управата за финансиска полиција истакнаа дека тие, освен по службена должност, би постапувале единствено доколку постои наредба од страна на надлежен јавен обвинител.
„Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција се органите што треба да откриваат сторители, тие се органи на прогон и ако решат да не постапуваат тоа ќе го сториме ние“, додава Русковска, за „Слободен печат“ без да ги коментира обвинувањата на опозиционерите за наводна блискост со поранешниот генерален секретар на Владата.
„Ние деновиве ги упатуваме барањата за документите што ни се потребни. Документација за предметот побаравме од Генералниот секретаријат, МВР, Бирото за јавни набавки и Државниот завод за индустриска сопственост и овие институции ќе имаат рок од петнаесет дена да ни одговорат, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за „Слободен печат“ за набавката на софтвер вреден 80 илјади евра за детектирање и казнување на сообраќајни прекршоци која ја спроведе Генералниот секретаријат за потребите на МВР.