Денеска не е најпријатниот ден за Христијан Мицкоски. Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел испрати јасен и сериозен сигнал дека веќе нема простор за поигрување со судбината на Македонија. Мичел, без заобиколувања и без дипломатски ракавици, му напиша на Мицкоски дека САД се разочарани од водството на оваа партија од односот кон референдумот и кон чекорите во Собранието за уставните измени.
„Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Преспанскиот договорот меѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. Наспроти тврдењата дека можело да се постигне некаков „подобар договор”, ние не веруваме во такво нешто. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении“ – пишува Мичел во писмото до Мицкоски.
„Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани за насилство, одмазда, или друг облик на принуда. Ова е историски важен момент за вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријатели и поддржувачи на Македонија, ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси, со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи.“ – го завршува Мичел своето кратко, писмено обраќање до актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
М.Л.