САД денеска изразија загриженост поради извештаите за масовни апсења, лажни судења и смртни казни за демонстрантите во Иран и порачаа дека кршењето на човековите права од страна на Владата во Техеран не смее да остане неказнето.
САД, заедно со нашите партнери и сојузници низ светот, ќе продолжат да бараат одговорност преку санкции и други мерки против оние кои се одговорни за овие злоупотреби, наведе во соопштението советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Тој го поздрави воведувањето на новите санкции, кои претходно денеска на Техеран му ги воведоа Европската унија и Велика Британија.
ЕУ, на состанокот на министрите за надворешни работи, одлучи да додаде 29 лица и три ентитети на листата на санкции против Иран поради кршење на човековите права, како одговор на нивната улога во смртта на Махса Амини и насилството на неодамнешните протести во Иран.
ЕУ силно го осудува неприфатливото насилно задушување на протестите. Ние стоиме покрај иранскиот народ и го поддржуваме неговото право на мирно протестирање и слободно изразување на нивните барања и ставови, истакна Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Велика Британија воведе санкции за ирански претставници, вклучително и министер, поради насилно задушување на протестите.
Санкциите го вклучуваат иранскиот министер за комуникации Иса Зарепур, како и некои припадници на безбедносните сили, се вели во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.