Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд денеска изјави дека американската администрација на претседателот Џо Бајден уште од првиот ден на војната во Украина јасно стави до знаење дека на оваа земја ќе и обезбеди само оружје за одбрана од руските напади, пренесува МИА.
-Не даваме никакво оружје што ќе им овозможи на Украинците да ја нападнат Русија од Украина. Претседателот Бајден, исто така, беше многу јасен во врска со ова прашање, дека ние не сме и нема да станеме страна во војната, но ќе ги поддржиме напорите на Украина да ги брани нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, рече Томас Гринфилд на брифинг за медиумите во ОН, пренесе Си-Ен-Ен.
Советникот на украинскиот претседател, Алексеј Арестович, претходно за истиот американски медиум изјави дека воената победа против Русија е „ малку веројатна“ доколку САД ја прекинат испораката за Киев на артилеријата со долг дострел.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ќе и дадат на Украина понапредни ракетни системи и муниција за „попрецизно да ги таргетира клучните цели на бојното поле“.
Во денешен напис во Њујорк Тајмс Бајден вели: „Брзо тргнавме да и испраќаме на Украина значителни количества оружје и муниција за да може да се бори на бојното поле и да биде во најсилна можна позиција на преговарачката маса“.
Висок претставник на администрацијата на Бајден изјави во текот на денот дека САД ќе ѝ го дадат на Украина високо подвижниот артилериски ракетен систем М142 (HIMARS), со што ќе ги подобри способностите на Киев на бојното поле додека се бори против руските освојувачи.
„Украинците ќе ги користат овие системи за да го одбијат рускиот напредок на украинска територија, но нема да ги користат на цели на руска територија“, им рече официјалниот претставник на новинарите