САД воведуваат санкции против високa функционерка на ОН, Франческа Албанезе, фокусирана на човековите права на Палестинците, објави американскиот државен секретар Марко Рубио вчера, пренесе Си-Ен-Ен.
Во објава на X, Рубио рече дека ги воведува санкциите против Франческа Албанезе, која ја носи титулата специјален известувач на ОН за состојбата со човековите права на палестинските територии, „за нејзините нелегитимни и срамни напори да поттикне акција (на Меѓународниот кривичен суд) против американски и израелски функционери, компании и раководители“.
Објавата е најновиот обид на САД да ги казни оние што истражуваат наводни злосторства извршени од Израел додека војната во Газа продолжува. Претседателот Доналд Трамп издаде извршна наредба во февруари со која се одобруваат казнени мерки против МКС поради неговите „нелегитимни и неосновани дејствија насочени кон Америка и нашиот близок сојузник Израел“, пишува Си-Ен-Ен.
Администрацијата на Трамп оттогаш воведе санкции врз главниот обвинител на МКС, Карим Кан, и четворица други судии. Рубио рече во посебна изјава дека санкциите против Албанезе се применуваат според таа извршна наредба.
Позицијата известувач не е назначена од Генералниот секретар на ОН. Наместо тоа, улогата е на „независен експерт“ назначен од Советот за човекови права на ОН „да ја следи и известува за состојбата со човековите права на окупираната палестинска територија“, според Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН.
Најавата за санкции против Албанезе беше направена додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше во Вашингтон. Најавата брзо беше поздравена од израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар, кој ја нарече „јасна порака“.
Минатата недела, САД се спротивставија на обновувањето на мандатот на Албанезе како специјален известувач и го повикаа генералниот секретар на ОН „директно да ги осуди активностите на г-ѓа Албанезе и да побара нејзино отстранување од функцијата специјален известувач“.
Во среда, Рубио рече дека Албанезе напишала „заканувачки писма до десетици субјекти ширум светот, вклучувајќи ги и големите американски компании од областа на финансиите, технологијата, одбраната, енергетиката и угостителството, упатувајќи екстремни и неосновани обвинувања и препорачувајќи МКС да покрене истраги и гонења против овие компании и нивните раководители“.
„Нема да ги толерираме овие кампањи на политичка и економска војна, кои ги загрозуваат нашите национални интереси и суверенитет“, рече Рубио.
Во извештај од минатата недела, Албанезе обвини голем број американски компании дека профитираат „од израелската економија на нелегална окупација, апартхејд, а сега и геноцид“.