Сашко Николов е новиот градоначалник на Штип, со мандат од девет месеци, се до редовните Локални избори во 2021 година.
Државната изборна комисија околу еден часот и официјално ги објави резултатите од избирачките места. На изборите за градоначалник гласале 14.240 граѓани. Обработени им беа 79 од вкупно 81 избирачко место, вклучувајќи ги овде и гласачките места во казнено-поправните институции. На овие избирачки места гласале 14.077 граѓани, од кои 11.435 за кандидатот на СДСМ, Сашко Николов или 80,30 % од гласачите, за Симон Поликарп, кандидат на Интегра гласале 1.173 или 8, 24 %, неважечки ливчиња има 805 или 5,65 %.
Николов, кој беше кандидат за градоначалник на СДСМ победа на овие избори прогласи по два часа од затворањето на гласачките места. На прес-конференција во штабот на Градскиот плоштад „Слобода“, први му честитаа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и поранешниот градоначалник на Штип и член на Извршниот одбор на СДСМ, Благој Бочварски.
-Во ова време на пандемија Штип и штипјани покажаа демократија, општествена одговорност и дека ќе продолжи по патот на Европа, по патот во сигурни раце, рече Сашко Николов, објавувајќи ја победата на вчерашните избори за градоначалник на Штип. Тој оцени дека вчера жителите на Штип демонстрирале одговорност и европска политика.
-Покрај сите опструкции коишто ги имавме во времето на овој предизборен молк нашите сограѓани рака за рака денеска си го изгласаа идниот градоначалник на Штип и гласаа дека Штип продолжува по демократскиот пат за европски отворен и безбеден град за сите наши деца, наведе Николовски.
Моите сограѓани, посочи Николовски, денеска ми дадоа обврска која што лично ја преземам за да го исправам градот пред предизвиците коишто доаѓаат пред нас. Тоа се рамноправност, тоа е грижа, тоа е потпора за секој еден граѓанин во оваа наша општина.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев му посакува успешен мандат на Николов и успешна реализација на сите зацртани проекти, потенцирајќи дека нема сомнеж оти ќе го вложи сиот својот потенцијал за да му помогне на родниот град и да работи за доброто на сите негови сограѓани.