Комеморацијата по повод ненадејното заминување на познатиот уметник и активист, академскиот сликар Мирослав Стојановиќ – Шуки ќе се одржи на 15 февруари во клуб Менада во Старата чаршија, со почеток во 21:30.
Мирослав Стојановиќ – Шуки, академски сликар, мултимедијален уметник и активист почина ненадејно, на 10 јануари. Имаше 54 години.
Дипломирал во 1990 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ристо Калчевски. Изложува од 1990-тите години, при што реализира повеќе самостојни изложби во Македонија и учествува на бројни групни изложби во земјава и во странство (Марибор, Ротердам, Будимпешта, Битола, Санкт Петерсбург, Истанбул, Белград и др). Членувал во групата ЗЕРО.
Шуки беше дел од тимот на Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ од самите почетоци во 1994. Омилен и меѓу возрасните и децата, препознатлив по неговиот хумор и креативност.
Шуки беше и долгогодишен член на Извршниот комитет на ЦИВИЛ – Центар за слобода и директор на организациската единица за општествено-политички одговорна и критичка уметност и култура ЦИВИЛ Арт.
Четириесетдневниот помен ќе се одржи во неговиот роден град Ниш (Ново гробље), на 18 февруари во 12 часот.