Шестмината пратеници осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април денеска се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд.
Станува збор за пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски. Тие ќе се појават во Судот откако во петокот Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот. Известувањето до Кривичниот суд од Собранието пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.
Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.