Освен рацете во медот и кавги за тендери граѓаните не видоа ништо од работата на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во изминатата една година, изјави на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ е локална власт во над 50 општини и по цела една година заклучокот е дека нема нови проекти за граѓаните, нема напредок на општините, има само шпицен градоначалник околу чии интереси се врти буквално се“.
Видовме дека наместо пред граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ даваат отчет пред својот партиски шеф Христијан Мицкоски. Токму Мицкоски е тој кој оди на сечење ленти на некои игралишта, тој врши некакви увиди, пред него градоначалниците реферираат, дури Мицкоски и дава изјави во нивно име. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ пак немаат никаков срам, одговараат пред Мицкоски понизно. Граѓаните не им се важни воопшто, додаде Кузеска.
Според неа, „на партиски настани, се даваат партиски отчети, наместо на општински настани да се даде отчет пред граѓаните. Исто како во времето на Никола Груевски“.
Дури видовме дека и лично Мицкоски е тој кој во име на градоначалници преговара за набавка на автобуси, се меша во тендерите. Со тоа, Мицкоски ја потврди улогата на шпицен градоначалник на секоја општина каде ВМРО-ДПМНЕ е локална власт. За тоа изби и кавгата, за тендер од 136 милиони евра за пречистителна станица во Скопје, нагласи портпаролката на СДСМ.
Кузеска истакна дека „градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ удрија по џебот на граѓаните, поскапувајќи ги услугите на јавните претпријатија под надлежност на општините. Истите тие претпријатија за кои се тепаат за тендери, кои ги преполнија со партиски кадри од ВМРО-ДПМНЕ, за потоа градоначалниците да бараат пари од Владата“.
ВМРО-ДПМНЕ покажа дека се уште е истата нереформирана партија која ги има поклопено општините, ги има партизирано локалните самоуправи и одработува за интересот на Мицкоски. Партија на која не и се битни граѓаните, туку само личното богатење на одредена група луѓе. Една година општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ стагнираат, а за тоа вината е кај шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски“, додаде портпаролката на прес-конференција.