„Денес со гласање на седницата ЦО на СДСМ и формално ги потврдивме членовите на новата влада од редовите на СДСМ. Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори. Тоа се луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството“, напиша Ковачевски на неговата официјална Фејсбук страница.
Кандидати за новиот владин состав се Славица Грковска, за вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси. Таа е поранешна пратеничка на СДСМ, магистер по математички науки. Фатмир Битиќи е старо-новиот предлог на СДСМ за вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Бојан Маричиќ е предложен за вицепремиер за европски прашања, досегашен министер за правда, магистрант по меѓународно и европско право.
За министри од редовите на СДСМ се предложени Славјанка Петровска за министерка за одбрана, Оливер Спасовски кој и досега ја извршуваше функцијата министер за ватрешни работи, а професорот Никола Тупанчевски за министер за правда. Љупчо Николовски е предложен за министер за земјоделство, ресор што го водеше пред вицепремиерската функција.
Јована Тренчевска е предлог за министерка за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска-Стојчевска за министерка за култура. Благој Бочварски, актуелен министер за транспорт и врски, е повторен предлог за овој ресор.