Да се охрабри проевропското крило во ВМРО-ДПМНЕ кое не се согласува со Мицкоски. Ќе ја искористам можноста на денешнава прес-конференција да апелирам во мое лично име, во името на проевропските сили во државатада се охрабри она проевропско крило во опозицијата особено во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи имаме на една страна крило во партијата кое е тег што ја влече партијата надоле, а за среќа на вистината и за среќа на државата имаме и проевропско крило коешто на реална основа се спротивставува на политиките на Христијан Мицкоски, изјави Мартин Костовски, пратеник на СДСМ, во одговор на новинарско прашање на прес конференцијата за иницијативата за референдум на ВМРО ДПМНЕ.
На прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ нагласи дека иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е спротивна на македонскиот Устав и националните интереси и затоа нејзиното отфрлање е очекувано.
Тој истакна дека Договорот за добрососедство е меѓународен договор, а членот 118 од Уставот јасно предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон. Затоа што според Уставот прекинување на правно дејство значи менување.
Тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вчера цитираа погрешен член 24 од Законот за референдум кој се однесува на консултативен референдум, а не на задолжителен како што бараат во иницијативата, кажа Костовски.
Според Костовски, очигледно Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав.
Сето тоа со цел да создава тензии, да го манипулира народот, самиот свесен дека таа негова инцијатива нема да успее, рече Костовски. Впрочем, оваа иницијатива е поседна во низата измами на Мицкоски со цел спас на сопствената фотелја во Белиот дворец и спас на бизнис интересите на одредена екипа во неговото непосредно опкружување.
Костовски потсети дека Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против Договорот за добрососедство со Бугарија, не ги удостоија граѓаните ниту со расправа во Собранието.
Сега, пет години подоцна бараат референдум против овој договор за одговорноста да ја префрлат кај граѓаните. И тука се гледа незрелоста, неодговорноста но и деструктивноста на Мицкоски,нагласи Костовски.
Тој истакна дека, како одговорни политичари кои што водат сметка за подобар живот на граѓаните и имиџот на државата повторно ќе потенцирам дека во време на најголема економска и енергетска криза, во пресрет на тешка и неизвесна зима, крајно неодговорно и недозволиво Мицоски сака да се потрошат осум милиони пари на граѓаните, заради негови лични внатрепартиски интереси.
СДСМ, заедно со демократски сили, заедно со граѓаните, нема да дозволи Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја загрозат европската иднина и државата да ја вратат назад во темното минато на изолација и поделби, истакна пратеникот на СДСМ , Мартин Костовски.