„Предлог Буџетот за 2025 година е пред сè нереален, неразвоен и недомаќински. Скроен за да ги задоволи предизборните активности, Буџетот за 2025 ќе биде генератор на нови долгови и најавува изгубена година за економијата и за граѓаните“ истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес конференција по повод клучните фискални политики што Владата ги предвидува во Буџетот за 2025 година, со цел јавноста да има јасна слика за тоа како овие политики ќе влијаат врз економијата и квалитетот на живот на граѓаните.
Филипче укажа на предвидениот раст на БДП од 3,7% за 2025 година кој нема да може да го оствари.
„Потврда за тоа се проекциите на Народната банка која растот го определи на 3,3% и попесимистичката проекција на Светска Банка од 2,5%. Владината проекција за висок раст на БДП поставена на нереална основа, и има за цел да оправда поголем дефицит. Ваквиот пристап ќе значи зголемување на јавниот долг без да донесе развој“, порача Филипче.
Со други зборови, нагласи претседателот на СДСМ, ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мора да го враќаме во иднина, веројатно со повисоки даноци или со кратење на пари за подобри јавни услуги.
Филипче предупреди и за незаконското задолжување над законски дозволените лимити, бидејќи Владата проектира буџетски дефицит од 4% од БДП што е директно во спротивност на Законот за буџетите каде јасно стои дека дефицитот не смее да надмине 3% од номиналниот БДП.
„Сите овие податоци укажуваат дека долгот ќе расте, што ја потврдува нашата грижа дека ова Влада е влада која планира да ги задолжи граѓаните за следните три поколенија. Политиката на нови задолжувања со ваков буџет е веќе загарантирана, а растот и продуктивноста според овој буџет ќе бидат на минимум“, оцени Филипче.
Со буџетот, рече тој, се предвидуваат зголемувања на непродуктивните трошоците за ставките како стоки и услуги, договорните услуги и трансферите.
„Се планира кратење на капиталните расходи во клучни сектори како образование и здравство. Ова е најдобар индикатор дека Владата нема концепт за развој туку го оптоварува буџетот со непотребни трошоци без да воопшто вложува во виталните сектори кои значат квалитетен живот на граѓаните“, посочи Филипче.
Филипче рече дека Владата предвидува 250 милиони евра од заемот од Унгарија да ги пласира како поволни кредити за стопанството преку деловните банки при што, како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, Владата се согласила граѓаните да ја плаќаат разликата во каматата и банкарските трошоци на кредитите кои банките ќе им ги одобрат на компаниите.
„Мицкоски треба да каже, зошто се создава ризик од двојно плаќање камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините? Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги враќа и плаќа два пати каматите за кредити? Тие кредити нема да се потрошат за потребите на граѓаните и за подобрување на нивниот квалитет на живот“, нагласи претседателот на СДСМ на прес конференцијата.
Филипче се осврна и на планираните капитални инвестиции во Предлог Буџетот за 2025 година и анализирајќи ја нивната распределба и очекуваното влијание врз домашната економија рече дека ВМРО-ДПМНЕ покажува тотална безидејност.
„Единствено што може да се види дека проектите на СДСМ се тие кои ќе се реализираат без Владата да понуди нешто свое и нешто ново. Еве конечно и во буџетот стигна признание за коридорите на Бехтел и Енка кои од историски криминал, сега се главните проекти за реализација за кои се определени средства“, посочи Филипче.
Тој укажа дека во предлог Буџетот нема ниту еден државен проект за инвестиции во модернизација или изградба на нови енергетски објекти.
„Средствата предвидени за гасификација, кои се речиси за половина намалени споредно со 2024 година се минимални и недоволни. Нема проекти и програми за зголемување на енергетската ефикасност на сите нивоа со цел заштеда на енергија. Од енергетска трансфорамација која ја започна СДСМ и успешно ја спроведуваше нема да има ништо“, рече Филипче.
Тој се осврна и на намалените средства за поддршка на земјоделството преку Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој што е значајно да се регситрира затоа што домашното производството на храна е посебно важно со оглед на движењето на цените на земјоделските и прехранбените производи.
„Нема конкретни програми и проекти ниту за зголемување на производството и на конкурентноста на македонските земјоделци. Ниту земјоделците не може да се надеваат на ништо добро од овој буџет на Владата“, истакна Филипче.
Од СДСМ препознаваат дека Владата удира и по малите и средните претпријатија. Ги намалува средствата за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија од 80 милиони денари на само 18 милиони денари. „Знае ли Мицкоски дека токму малите и средни претпријатија се ‘рбетот на македонската економија и се заслужни за околу 80 проценти од работните места во земјава?“
Од друга страна, оцени Филипче, средствата за поддршка на странските инвестиции значително се зголемуваат, со што се фаворизираат странските наместо домашните компании.
„Ова јасно покажува дека Владата ги занемарува интересите на домашната економија и граѓаните, насочувајќи ги ресурсите кон странски субјекти, наместо кон локалниот развој“, оцени Филипче.
Ако треба да ги сублимираме сите наши бројни забелешки, рече Филипче, слободно можеме да кажеме дека Владата во Предлог Буџетот целосно ја преслика својата безидејност, лошо и нереално планирање.
„Од овој буџет може да се заклучи дека владата планира само да ја задолжува земјата, без развој на клучните услуги како образование и здравство, со никаква поддршка за земјоделието, а платите и приходите на граѓаните воопшто не планира да ги покачува“, порача Филипче.
Филипче соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да гласа за ваков буџет.
Како одговорна опозиција поднесовме повеќе од 200 амандмани, информираше тој и рече дека СДСМ со нив нуди конкретни решенија за подобрување на клучните фискални политики.
„Прво, предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата и на пожарникарите. Ова се клучните позиции каде треба да се мотивираа вработените а со тоа и да се подобрат услугите за граѓаните“, рече Филипче.
СДСМ предлага во Министерството за внатрешни работи покачување на платите за 20%, како и распределба на пари за набавка на напредни технолошки средства за зголемување на безбедноста на граѓаните.
Филипче ги соопшти и другите амандмани:
– Амандманите што ги поднесуваме, а коишто се однесуваат на буџетот за Министерството за здравство, имаат за цел значително да ја подобрат медицинската инфраструктура и услугите. Тие вклучуваат набавка на нова медицинската опрема, зајакнување на капацитетите на Итната медицинска помош, едукација и доусовршување на лекари и медицински персонал.
– Амандманите што ги предлагаме во делот на буџетот што се однесува на областите енергетика и животната средина имаат за цел да поттикнат еколошки и одржлив развој преку подобрување на енергетската инфраструктура и енергетската ефикасност, како и намалување на загадувањето.
– Во енергетскиот сектор, предлагаме значајни субвенции за транспортни компании кои ќе преминат на електрични возила, како и за домаќинствата кои ќе инсталираат фотоволтаици. Дополнително, предлагаме и средства што ќе се искористат за поддршка на проекти за производство на електрична енергија од водород.
– Амандманите за земјоделие се насочени кон поттикнување на руралниот развој и поддршка на младите земјоделци. Со значајна финансиска инјекција од 700 милиони денари, сметаме дека младите земјоделци ќе се мотивираат да останат во оваа гранка и да инвестираат во земјоделскиот сектор.
– Со подобра распределба на капиталните инвестиции по општини, пак, ќе се поттикне порамномерен развој, што ќе овозможи помалите и послабо развиените региони да ги достигнат економските и инфраструктурните стандарди.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче потенцираше дека од опозициската партија веруваат дека овие амандмани ќе придонесат кон поефикасно искористување на буџетските средства и ќе овозможат вистински економски и социјален напредок.
„Активно ќе учествуваме во расправата и цврсто ќе ги браниме нашите позиции, со цел да се обезбеди Буџет кој вистински ги одразува приоритетите и потребите на граѓаните и на македонската економија“, рече Филипче.