СДСМ очекува конструктивност од страна на опозицијата, низ аргументирана дебата, без блокади и опструкции со цел да се донесе Буџетот, рече на денешната прес-конференција пратеничката од оваа партија, Марија Георгиевска, по стартот на расправата за Предлог буџетот за 2022 година од собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со одговорно финансирање, истакна Георгиевска, очекуваме 2022-ра да биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции.
– Фокусиран на интересот на народот, Буџетот за 2022 има четири основни цели: зачувување на здравјето и животите на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции, рече Георгиевска.
Таа нагласи дека покрај Буџетот пред пратениците претстои многу работа во делот на донесувањето на законите кои се во интресе на граѓаните и државата, а кои, вели, се блокирани од страна на опозицијата. Некои од законите кои, како што кажа, демократскиот блок, преку зголемено, стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ треба да ги донесе се:минимална плата од 18.000 денари, недела неработен ден, отпис на каматите за долгови, Законот за служба во Армијата, како и законските измени кои обезбедуваат трајно вработување на 4.700 наставници во основните и средни училишта.
-Време е за одговорност и работа во интерес на граѓаните, носење на овие закони, но и на други измени и дополнувања на законите кои ќе значат подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и забрзан реформски процес во државата.Особено имајќи предвид предизвиците пред нас како енергетска криза, пандемијата, продолжување на евро-атланскиот пат на државата. Тоа е одговорност на секој пратеник кој добил доверба од граѓаните, истакна Гегоргиевска.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 220 амандмани и ќе учествува на собраниската комисија за финансирање и буџет, на која денеска треба да почне разгледување на Предлог-буџетот за 2022 година. Ќе учествуваат и на пленарната седница на која ќе се носи буџетот, соопшти денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
-Поднесовме околу 220 амандамни преку кои ќе се обидеме да интервенираме и да поправиме нешто што се уште може да се поправи. Поднесовме голем број суштински амaндмaни во сферата на енергетиката, образованието, здравството, животната средина, изјави Стојаноски, додaвајќи дека тие се произлезиени од потребите и барањата на граѓаните и од стручната јавност. Изрази надеж дека власта ќе се охрабри, ќе дискутира за проблемите и предизвиците и оти ќе ги прифати нивните понудени решенија.