Партијата СДСМ од денеска има пратеник плус во Собранието, односно пратеничката група. Пратеникот од ДОМ, Мирослав Богдановски поднесе оставка од функцијата којашто е констатирана и потврдена и од страна на ДИК., пренесува Слободен Печат.
Следна пратеничка на листата која станува пратеник е од СДСМ, Даниела Николова, со што партијата ќе има еден пратеник повеќе во парламентот.
Пратеничката и претседателка на партијата ДОМ, Маја Морачанин во денешното гостување на „Утрински брифинг“ изјави дека во ДОМ сѐ уште има внатрепартиски разлики и тоа не е ништо страшно ако постојат различни мислења.
– Денеска сум известена дека пратеникот Мирослав Богдановски си поднел оставка од Парламентот, и јас не сум ја видела, но имаме седница на Парламентот и веројатно ќе биде ставена да се констатира на пленарна собраниска седница, тоа е процедурата, рече Морачанин.
Таа нагласи дека од него нема директна информација за оставката, туку за тоа била известена од собраниските служби.
– Веројатно тој ќе си ги образложи причините за оставката, рече Морачанин.
Пратеникот Мирослав Богдановски минатиот месец беше разрешен од потпретседателската функцијата на ДОМ по што продолжи да делува во рамки на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.












