Денеска се регистрира првиот обид за злоупотреба на аферата „Рекет“ од осомничените, во случаите отворени од Специјалното јавно обвинителство. „Титаник“ е предметот кој прв се враќа во судските клупи, по избивањето на аферата „Рекет“ што опозицијата и дел од осомоничените во случаите на СЈО го користат како оружје за напад врз СЈО и обвинителите од оваа обвинителство.
На суд се појави и обвинителката Лиле Стефанова која го работеше овој случај, а деновиве имаше и обиди за нејзино инволвирање во случајот „Рекет“, само заради спомнување на нејзиното име од страна на осомничените во овој случај.
На првото рочиште, по едномесечната пауза, адвокатите на обвинетите се обидоа да го искористат последниот случај за да побараат да нема судења.
“Сметаме дека новонастанатата ситуација и сите постапки кои излегоа во јавноста, се доволна причина да се одложи денешното рочиште имајќи предвид и дека нема луѓе кои се во притвор. Одбраната нема никаква намера за одолговлекување, туку да се даде можност предметот да се расчисти”, побара адвокатот Петар Василев.
На ова барање се спротистави судијата Осман Шабани, истакнувајќи дека за тој предмет има друг обвинител и потсети дека станува збор за случај кој се води од различно обвинителство.
Тој не го прифати ниту образложението дека главната Специјална Обвинителка, Катица Јанева дала оставка, објаснувајќи дека оставката не е констатирана.
Арбен Зеќири