Објектот на Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Бон ќе се продава за 3,75 милиони евра. Износот од продажбата ќе биде поделен помеѓу земјите сукцесори, според процентите утврдени со Договорот за сукцесија.
Со Анексот Б од Договорот за сукцесија на СФРЈ дефинирано е дека од 123-те дипломатски претставништва на некогашна Југославија, на Босна и Херцеговина и припаѓаат 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Северна Македонија 8, на Словенија 14 и на Србија и Црна Гора, кои тогаш ја сочинуваа СР Југославија, – 39,5 отсто.
Ниту една од државите наследнички не беше заинтересирана за четири амбасади, односно резиденции на поранешната СФРЈ и тоа во Њујорк, Токио, Бон и Берн.
Минатата година, по напорни преговори на државите наследнички ,се продаде резиденцијата на СФРЈ во Њујорк. Станува збор за „апартманот на Тито“ на Петтата авенија во Менхетен, за што купувачот плати 12,1 милион долари. Ова беше прв таков случај на спроведување на Анексот Б од Договорот за прашања на сукцесијата и резултат е на огромните напори на сите државни наследнички во последните две години.
Оваа година се продаде и поранешната амбасада и резиденции на СФРЈ во Токио, а средствата на сметките на државите наследнички требаше да пристигнат овој месец. Договорот за продажба во вкупен износ од 14,7 милиони евра беше потпишан на 31 јануари. Имотот во Токио имаше 1.726 квадратни метри станбена површина и 938 квадратни метри земјиште.
Се очекува истото да се направи и со амбасадата на поранешната СФРЈ во Берн. Наводно, интерес за неа покажала Русија, која сé уште не дала официјална понуда.
Сите четири објекти имаат големи квадратури и, како такви, ниту за една држава наследничка на СФРЈ не претставуваа рентабилно и трајно решение за сместување на дипломатско-конзуларните претставништва, иако имаа високи пазарни цени. Овие цени беа главна причина за земјите сукцесори да се договорат за нивната продажба.
Останува да се продаде уште зградата на Постојаната мисија на поранешна СФРЈ во ОН во Њујорк.