Според извори од МВР, во протестот за „Монструм“ се повредени седум полицајци, а осум лица се приведени. Се очекуваат уште приведувања.
Денеска се одржаа најавените протести за случајот „Монструм“, со почеток во 13 часот. Иако најавени како мирни протести, сепак, имаше краткотраен судир меѓу демонстрантите и полицијата која постави блокада кај ТЦ Мавровка.
На повик на организаторите, демонстрантите почнаа да се повлекуваат, но еден дел од нив се судри со полицијата. Почнаа да фрлаат со камења и предмети, претходно подготвени, на што полицијата одговори со солзавец, шок бомби и со поддршка на оклопни полициски возила. За кратко време, полицијата почна со истиснување на насилниот дел од масата демонстранти. Репортерите јавија за најмалку едно приведено лице.