Вчерашниот брифинг на претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, предизвика големо внимание во јавноста и медиумите, иако неговите изјави беа пренесени парцијално во зависност од интересите на уредништвата.
Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа сметаше дека јавноста треба да биде запознаена со сите главни поенти на Села, што е предводник на партија од опозицијата.
„Синоќа се сретнаа претседателите на двете македонски политички партии. Остро реагираме на рушењето на концептот усвоен во 90-те години, да се сретнат 4 партии, 2 македонски и 2 албански партии, од кои една на власт и една од опозиција“, вака претседателот на Алијансата на Албанците, Зиадин Села, го започна брифингот кој се одржа вчера во Скопје, а каде учествуваа претставници на најголемиот дел од медиумите во земјава. Притоа, Села нагласи дека лидерите Заев и Мицкоски „се договараат да не се договорат“.
Брифингот беше фокусиран на правната држава и владеењето на правото. Средбата меѓу Заев и Мицкоски според Села бил само случаен момент, а брифингот е најавен од минатата недела заради загриженоста за иднината на СЈО и реформите во правосудниот систем. Тој објасни дека инсистира да учествува на тие преговори бидејќи има што да каже за Законот за обвинителството, а причина плус според него се и другите теми кои се отвараат на лидерските средби а се актуелни, како изборите, пописот и слично.
Тие се договараат да не се договорат!
„Го осудуваме ноншалантниот однос на премиерот кон албанскиот политички фактор. ДУИ можеби биле претставени или од СДСМ или од нивните поранешни партнери ВМРО-ДПМНЕ, но ние сме автономна партија”, рече Села кој партијата ДУИ ја нарече „заштитена мечка“ и додаде дека повеќе нема да го толерираат таквото однесување што има цел да го амнестира криминалот.
Села обвини дека ДУИ се чуствуваат сигурни бидејќи во вчерашните преговори нив ги бранел Мицкоски со кого, според него, и самиот Ахмети признал дека има контакти.
Тој потсети дека како партија имаат поднесени 30 амандмани за законот за Јавно Обвинителство.
„Не е ни по деловник да не се земат предвид и да не се разгледуват а да се прифатат само еден дел од ВМРО, ДУИ и СДСМ. СЈО треба да се зачува, а тоа го имаме во 27 амандмани”, додаде Села.
Тој е и против предлогот на премиерот Заев за формирање на ново Обвинителство со кое ќе раководи обвинител предложен од опозицијата.
„Не можеме секоја година да си играме играчки и да си формираме по едно ново обвинителство. Може да се менува законот за СЈО, но секој мора да одговара за криминалот. Имаме предлог, со СЈО да управува странец од ЕУ или САД а македонската опозиција не треба да се плаши од политички одмазди”, изјави Зиадин Села.
Тој рече дека Европската Унија треба да ги награди граѓаните на Северна Македонија со датум за преговори и граѓаните не треба да ги плаќаат сметките на неодговорните политичари и да ја платат цената со тоа што нема да добиеме датум за преговори со ЕУ.
Села потсети дека подршката во време на референдумот и уставните измени не била за премиерот туку за мирот, ЕУ и НАТО интеграциите.
„Ние дадовме сѐ за да се изгради мирна и спокојна држава, да се спречат монтирани процеси, а не со решавање на стари случаи да отвориме нови случаи“, изјави Села. Тој не верува дека ќе се постигне договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за Јавното Обвинителство на четири дена пред истек на мандатот. „Не верувам дека ќе се договорат. Имаат договор да не се договорат. Од оваа позиција дека не сме преговарале, можеме да претпоставиме сѐ. Сите зборуваат за СЈО, а со новиот закон се укинува СЈО. Тоа е чудо!”, рече тој.
Сакаме ветинг, ДУИ сака да го изгори како процес
Првиот човек на Алијансата на Албанците го подржува ветингот, но обвини дека нивните опоненти, ДУИ сакаат да го изгорат како процес.
„Јасно е колку ДУИ се за ветинг. Тие се заштитената мечка на македонската политичка сцена. Тие зборуваат за ветинг, а уште не одговарале за Маѓар Телеком. Тие се само верни слуги на ВМРО и на СДСМ”, изјави Села.
Тој се спротистави и на изјавата на премиерот Заев дека ветингот дека ќе нѐ остави без судии и обвинители. Тоа според Села значи дека премиерот претпочита да има корумпирано судство.
„Јас мислам дека подобро е да останеме без судии и обвинители ако сите се криминалци, отколку оние да делат сеуште неправда. Но сепак мислам дека има многу млади и чисти кадри кои можат лесно сите да ги заменат”, додаде Села.
Тој беше дециден дека нема да прифатат договор меѓу СДСМ и ВМРО.
„Не сме резервна варијанта, ние сме ставени во позиција на стенд бај, како резервна опција. Нема да им помине тоа“, изјави пред новинарите претседателот на Алијансата на Албанците.
Тој побара нова посета на експертската група предводена од Прибе за да оценат каква е ситуацијата и до каде се спроведувани препораките, а побара и нова лидерска средба по форматот на Пржино каде ќе учествува и Рајнхард Прибе.
Арбен Зеќири
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.