На денешната прес конференција на Алијансата за Албанците, лидерот на партијата Зиадин Села изјави дека за недавањето датум за претпристапни преговори за членство во ЕУ, е виновна само Владата. Тој побара и предвремени парламентарни избори.
„По состанокот со членството на Алијансата за Албанците, сакаме да и се обратиме на јавноста, и да изјавиме дека го делиме истото мислење со граѓаните на Македонија за неуспехот за добивањето датум. Се разбира, ова никако не значи дека треба да бидеме пасивни, граѓаните мора да се издигнат над разочарувањето од овој исход. Сите треба да се мобилизираме за да постигнеме промени, и да тргнеме со големи чекори во правец на членството во Европската Унија. Граѓаните на оваа земја немаат друга опција и алтернатива. Алијансата за Албанците нема друга опција ниту алтернатива. За жал, некој ќе треба да ја плати цената од ова разочарување. Алијансата ја поддржа новата влада, ги поддржа промените, плативме огромна цена. Попуштивме заради принципи, кога видовме дека на Владата не и беа важни промените туку и беше важно амнестирањето на корупција и криминал. Но, ова за нас не беше пречка да дадеме поддршка за секоја позитивна одлука со која земјата би ја однела во ЕУ. За жал, Владата се покажа некомпетентна, ги избраа корупцијата и криминалот, наместо да ги изберат правдата, напредокот и ЕУ. Тие ја избраа ДУИ и нивните големи и мали криминалци, наместо напредокот и иднината на младите. Тие одбраа да го одмолчат „Маџар Телеком“, „Пациент“ и други случаи, само за да делуваат со ништожната дваесет и неколку годишна логика – дека за нив е пожелен само корумпиран албански политичар. Затоа, владата мора да ја плати цената за овој дебакл. А граѓаните имаат само една форма, да ги казни или да ги награди политичарите за нивните одлуки и дела. Таа форма е предвремени парламентарни избори, владата и политичките партии да се доближат до граѓаните, и да ја земат потребната енергија за понатамошна работа и промени.“, изјави Зиадин Села.
Д. Тахири