Секретаријатот за европски прашања, предводен од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија, Бујар Османи, веќе втор ден работи на изготвување на новиот реформски план за евроинтеграции.
Како што беше предвидено на самиот почеток на Конференцијата, СЕП активно ја подготвува новата реформска агенда за периодот кој претстои. Новите перспективи во процесот на европските интеграции кои се отворија пред земјава преку бројните иницијативи на земјите- членки на Унијата за поддршка, дадоа позитивен импулс во процесот. Самитите на ЕУ кои ќе се одржат во март и мај идната година се дополнителен мотив за продолжување со реализацијата на европските реформи, бидејќи нивната цел е да се коригира неуспехот на Унијата за постигнување консензус за почеток на преговорите со Северна Македонија на октомврискиот самит оваа година.
Реформскиот моментум кој се одржуваше досега не смее да стагнира, особено во овој период на силна поддршка и иницијативи од земјите поддржувачи во самата Унија за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, а истовремено и период кога сме на прагот од утврдување на новата методологија за водење преговори со ЕУ.