ЗОРАН ИВАНОВ
Првата рунда Бугарија – Македонија или Петков – Ковачевски во Скопје, кажано со спортски речник, заврши нерешено. Барем така, судејќи по првичните реакции на инволвираниот меѓународен фактор, резултатски помина вчерашниот скопски македонско бугарски дијалог.
Секако, пак во спортски жаргон, домашниот терен, по некаква традиција, би требало да е предност за домаќинот. Нашите, меѓутоа, не баш умешно го искористија. Ама и реално, засега и кондицијата ни е толку.
Ако пак се бара влакно во јајцето, тогаш може да се констатира дека бугарската страна си замина дома со блага предност пред наредните рунди. Имено, од мноштвото отворени теми од децениските и од актуелните билатерални несогласувања, се затвори барем една или барем половина, односно, краткото име на државата.
Бугарија претходно, во сетот имагинарни проблеми наметнати како услов за деблокирање на нашите евроинтеграции, го запиша и прашањето за забрана на употреба на скратеното име на нашата држава Северна Македонија. Од својот источен сосед земјава беше условена во евентуалните интеграции и членство во ЕУ да мора да го користи и атрибутот „Република”, односно целото наше уставно име интегрално.
Причината – бизарна. Скратеното име им асоцирало на можност од територијални аспирации од македонска страна врз бугарската државна територија. На македонски територијални претензии на исток. И врз оваа смешна и дилетантска теза соседот сега некако фино не` намести. Но ние не пиеме нафта и гледаме и знаеме дека партнерот не` мафтосува, па сепак, во знак на добра волја, доброволно си се подметнуваме за нашиот соговорник да може пред Брисел да си се отчита како кооперативен. Но нејсе. И тоа бидна и еве, барем еден бугарски хир помалку.
Во таа насока и двете страни од Скопје до ООН испратија писма на согласност дека едната страна се согласува другата страна да може да го користи скратеното име секогаш и насекаде. На Источната река веројатно паѓаат од смеа за овие балкански хирови. Се разбира, тоа онака под маса, тивко и дипломатски, а бугарската јавност пак, по ова може мирно да спие без страв дека нашите два тенка и ниту еден воен авион би можеле да ги изненадат со некоја ненајавена ноќна воена агресија.
Но добро, што е тука е, дипломатија. Понекогаш со голи раце, понекогаш во ракавици, понекогаш со арно, понекогаш на сила и понекогаш со вакви манифестни протоколарни мимикрии. Во крајна линија важното е муабетите да течат и контактите да не запрат.
Двајцата премиери, Ковачевски и Петков во Скопје презентираа оптимизам. Сега уште им останува, посебно на бугарската страна, да покаже храброст, ако ја има, и да најде начин и самата да се извлече од сопствената историска кал, и ЕУ ембаргото да падне веќе оваа година. Во спротивно, двете страни ќе се заморат бргу и на истата тема репризно ќе се влечкаат и наредните декади со некои други или со трети или пак со некои четврти премиери и од двете страни.
Но, ајде да не гњавиме со песимизми. И кај двете страни на повидок се нови плурални политички генерации, необременети со минатото од монизмот. Ќе ја искористат шансата на ова време или и тие ќе заталкаат по беспаќата на своите предци, ќе се знае набргу.
Вчера во Скопје, според некаков слободен, субјективен заклучок на авторот на овие редови, нештата сепак се придвижија на арно.