Вицепремиерите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров одржаа прес конференција на која темата се интеграциите и реформите после ратификацијата на Договорот од Преспа, а стана збор и за претседателските избори.
„Сигурно некои се прашуваат зошто сè уште користиме „Република Македонија“. Затоа што овој процес не е завршен. Целиот процес завршува со ратификувањето на нашиот Протокол за НАТО во грчкиот парламент. Во тој момент стапуваат на сила уставните амандмани и тогаш „Република Северна Македонија“ ќе стане уставно име“, изјави министерот Димитров.
Тој додаде дека на денешната владина седница формирале меѓуресорско тело кое ќе почне со имплементација на обврските од договорот. Димитров рече дека прво ќе се подигне нивото на дипломатското претставништво во Атина од Канцеларија за врски на највиско ниво, во Амбасада.
Во однос на претстојните претседателски избори, министерката Шекеринска не коментираше за тоа дали таа би била кандидат.
„Не верувам во самокандидатури исто како што не верувам дека претседател треба да се избере како избор за најдобра кола или производ. Тука сме да зборуваме за тоа што работевме последна година и пол и за тоа што ќе работиме во иднина. Нашиот фокус е да ги решаваме проблемите, кој каде ќе биде е второстепено“, додаде Шекеринска.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на претседателските избори изјави дека треба да одберат лице што ќе биде спротивност од тоа што го имаме денес.
„Успесите доаѓаат кога има тим, оваа Влада има тим и визија. Бидејќи започна процесот за избор на кандидат така како што е предвидено, важни се овие принципи, затоа што личните амбиции на ниту еден не се поважни од иднината на државата“, додаде Спасовски.
А. Петровска