Од каде да почнам, кај да забегам, па да избегам и да се изгубам? Како Груевски наш! Или како Заев?!?
Референдумска лутеница
Со самото распишување на референдумот, веќе беше доцна да се измени нешто во врска со тоа што следеше по референдумското изнудено изјаснување. Во јавноста се пројави сомнеж дека Владата, НАТО и ЕУ немаат план Б, доколку референдумот не пројде според замисленото. Да бидеме искрени пред себе а потоа секој пред другите, референумот не успеа. Успеа затоа што така решија Европејците со се Алијансата. Ако се сеќавате, дури и првата изјава на Заев веднаш по првите известувања за резултатот од гласањето на референдумот, беше со разочаран, но решителен тон, дека не е страшно, и дека Владата ќе се посвети на долго најавуваните реформи. Оваа изјава успешно ја покрија високите претставници на НАТО и ЕУ, прогласувајќи го Референдумот за успешен. Бидејќи ДИК не успеа да ја врати довербата на гласачите, и не се реформира и покрај сите укажувања и обиди да се смени нешто и во новиот состав, исходот од секој иден изборен процес, вклучувајќи го и референдумскиот, ќе биде сомнителен. Таму секој работи за некого друг, освен за гласачите.
По „успешниот“ Референдум, на ред дојде предлогот за уставни измени за коишто требаше да се гласа во Собрание, и за којшто предлог немаше доволно гласови до последниот момент, кога решија да го активираат планот Б, за кој план мислевме дека го немаат. Планот Б како што знаеме, беше во прибирањето гласови од лица за коишто се водат судски постапки, за разни кривични дела почнувајќи од злопупотреба на службена позиција, перење пари, корупција, терористички напади врз пратеници и така натаму. Или, пазарење со истите. За потоа, да ни сервираат некакво помирување со истите, па дури и да формираат тело за помирување внатре во највисокиот законодавен дом во земјата, од кој законодавен дом граѓаните треба да очекуваат дека ќе се грижи и работи за интересите на сите граѓани подеднакво, бидејќи истите тие граѓани, некои со ентузијазам, а некои од немајкаде, ги поставија на тоа место, односно гласаа за нив, и ги плаќаат. Со други зборови, граѓаните плаќаат криминалци за да одлучуваат за нивните животи и иднина.
Ујдурмите допрва следат, бидејќи Референдумот беше успешен.
Си замина пилето
Ќе почнам со – Никола Груевски избега! Не, Никола Груевски не избега, туку си замина, фино лепо преку четири граници, аранжмански. Прашањето е која „туристичка агенција“ му го составила аранжманот, а за цената, нема гајле, на таа пара…
И додека јавноста крши глава мислејќи и чудејќи се како си отиде човекот, при сите безбедносни и разузнавачки служби во државата, господинот Заев ни поставува нова теорија за неговото исчезнување. Загрижен, да не е случајно киднапиран. И за да си ја потврди својата загриженост, уште побара од Груевски да се јави и да каже дали е киднапиран! И потоа тврди дека ако тој им каже да го вратат, ќе го врателе! Не знам дали изјавил денеска нешто, а и да изјавил, само ќе се заплетка уште повеќе во својата мрежа, и ќе продолжува да потврдува дека не се работи за неспособноста и неажурноста на судот, МВР и разузнавачките служби, и секако неговата, туку за невешто осмислено претставување на случајот пред јавноста, за внатрешни и надворешни успешни пазарења, за што, за поголемиот дел од јавноста веќе е се поизвесно дека се случило.
Веднаш по заминувањето на Груевски, ги затворија Камчев и Божиновски. Зошто не ден, два, или месец пред тоа?!?
Собраниски и владини канали
Во меѓувреме, Владата го утврди составот од деветчлената ад-хок кординативна група за развој на концептот „Едно општество и интеркултурализам“, што за мене има поврзаност со протнатата измена на начинот на Попис на населението, со којашто измена се поништува графата за националност, без дебата и консултација со јавноста. Не ми се црта зошто едното има врска со другото. Освен дека следниот, изменет формат на Попис на население е резултат на лошо направениот договор помеѓу Македонија и Грција, во кој повеќебројната заедница се грижи единсктвено и исклучиво за своите права.
Јустиција во Македонија се вика Неправда
За се што се случува со судството во Македонија, се известува ревносно, и се коментира уште поревносно. Освен за одлуката на министерката за правда, Рената Десковска, да не им се исплати обесштетување на осудените за случајот „Сопот“, за кои што се испостави дека не се виновни, и ги пуштија на слобода. За нив министерството немало финансии, и ги упатува да поднесат жалба. А нема ни извинување, или барем некаква изјава од Шеќеринска.
Европска Унија на лицемерие
Ние патот до Европска Унија го замислуваме како поле за трчање по многу шарени топки, коишто ни се протнуваат меѓу нозе и не сопнуваат и никако не можеме да ги шутнеме за да стигнат далеку во вселената па да нас Бог види. Дури и не знаеме дали сакаме да одиме во Европа, некој треба да ни каже.
А Европската Унија, патот на Македонија до неа, го замислува како поле за шутирање стари распарталени смрдливи клопчиња, коишто на секој шут, се отвораат и од нив испаѓаат малечки, уште постари и посмрдливи клопчиња и се тркалаат до златните стативи на рајската градина наречена Европа, којашто задоволно го впива смрдежот од парталите, но не дава пропусница за преминување на поставената граница од примамлив еклер со белгиски карамел прелив. Ама затоа во својата неутрална но топла дунавска прегратка нема проблем да прими политички осуденик, за чие дело Европа не може да се меша бидејќи тие не коментирале ниту се мешале во туѓи судски процеси. Така рече милостива Маја Коцијанчич, портпаролката на Европска Комисија, а за фактот дека Унгарија во моментов засолнува осуден криминалец, само кратко промрморе дека тие знаат што требало и што не требало. Гос’н Хан не знам што точно изјави, мислам дека нешто слично, ама за Унгарските власти – НУ-ЛА! Како прилог на тазе изјавите на двајцата гореспоменати, и цреша врз шамот од расипани белки наречен ЕУ, е писмото со багодарност од високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, до еден добар човек од скопската чаршија, којшто и подарил брош кога господинот Заев ја прошета низ чаршијата. Истата висока претставничка на ЕУ, којшто како услов за разговори за пристапот на Македонија во ЕУ, бара длабоки реформи во судството, не одговори на писмото што и го пративме по повод срамните, нечовечки постапки на судот, за случајот „Алмир“, до ден денешен.
На нозе и раце, метла!
Да се почитувавме самите себе толку колку што не се почитуваме, веќе ќе бевме на улица и ќе рушевме власт. Но, не е доцна, секој ден е нова шанса за работа врз нашите животи. А кога ќе се решиме на тој чекор, ќе замолам, без шарени пинг – понг топки.
[divide]
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста