Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при денешната посета на касарната „Илинден“, на новинарското прашање за тоа дали постои коалициска криза на партиите на власт, изјави дека не гледа никакви дупки и проблеми во владината коалиција и дека Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став.
„Ако не би имале разлики во нашите ставови би биле една партија, а тоа значи дека ќе се вратиме во едно минато и завршено време. Коалициските партнери имаат претходно изграден консензус околу сите крупни прашања и да не беше тој консензус ние немаше да стигнеме до таму каде што сме. За година ипол од заробена држава да стигнете во држава која е поканета и седи на масата на НАТО, не беше лесно. За да се случи тоа ни помогна кохезијата внатре во коалицијата и ни помогна фактот дека можевме да го добиеме на своја страна гласот и на луѓе кои се надвор од нашата коалиција“, изјави Шекеринска.
Во однос на прашањето на двојазичност на униформите во АРМ, Шекеринска рече дека тоа прашање не е вградено во Законот за јазиците од причини кои се однесуваат на функционирање на Армијата и фактот дека униформите претпоставуваат униформност.
„Рековме дека оваа одредба ќе ја испратиме до Венецијанската комисија и очекуваме мислење и за Законот и за оваа конкретна можна потреба. Факт е дека Армијата е една од институциите која нуди најголема кохезија. Во делот на одбраната главната промена се однесува на можноста на граѓаните на Република Македонија кои обраќаат до Министерството за одбрана да можат да го користат и својот мајчин јазик, да добијат соодветен одговор“, додаде Шекеринска.
Според неа, АРМ е посилна поради тоа што таа е репрезент на Македонија и поради тоа што ги претставува сите етнички заедници.
А. П.
фотографија: Биљана Јордановска (од конференцијата за НАТО во организација на ЦИВИЛ)