На прашањето на ЦИВИЛ Медиа за тоа како таа би ги коментирала постапките на полковникот Драган Ковачки и како и колку тоа може да влијае врз државната безбедност, министерката за одбрана Радмила Шекеринска изрази жалење што, како што рече, праксата на рушење на институцијата која му дава плата и натаму продолжува. Меѓутоа, нагласи таа, нека им е на чест на сите оние на кои партиската значка им е поважна од државната значка.
„Да сте македонски државјанин и да ги слушате овие зборови на американските колеги и сојузници и задоволството од соработката со нашата Армија и одбрана и после тоа да ги чуете коментарите од еден за жал офицер на истата таа армија, ќе мислете дека станува збор за две различни земји, две различни армии и два различни одбранбени система. Знам дека најголемиот дел знаат на кого повеќе ќе му веруваат, изјави Шекеринска, која заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз го посетија армискиот полигон „Криволак“ каде беа информирани за претстојните активности за реализација на вежбата „Одлучен удар – 21“.
Драган Ковачки својот работен век го минува во Армијата, каде подоцна доаѓа до позиција Полковник. Ковачки завршува Воена академија во Скопје, а извршува бројни специјализации и обуки во земји дел од НАТО пактот. Тој е политички активен од 2020 година, кога на предвремените парламентарни избори беше кандидат за пратеник во ИЕ-3.
Ирена Крџиќ
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети