ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Скопје на 31.10.2021 имаше 209.447 важечки гласови, неколку илјади помалку отколку во првиот круг на 17.10.2021 кога се гласаше вкупно за 12 кандидати.
Што покажува споредбата на резултатите од локалните избори за градоначалник на град Скопје 2021 од првиот и вториот круг на гласање, по општини?
Како прво, дека независната кандидатка Данела Арсовска значително ја зголемила својата предност во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалник во првиот круг на изборите: во Гази Баба (води со разлика од речиси 11 илјади гласа, наспроти 6.4 илјади во прв круг), во Аеродром (води со разлика од точно 10 илјади гласови, наспроти 6.597 во прв круг), во Кисела Вода (води со разлика од 9.440 гласови, наспроти 5.895 во прв круг), во Ѓорче Петров (води со разлика од 5.292 гласа, наспроти 2.694 во прв круг), во Бутел (води со разлика од 2.577, наспроти 378 гласови во првиот круг). Во општина Сарај, каде што во прв круг победи кандидатот на ДУИ Блерим Беџети со 73.10% од гласовите, Шилегов има предност од 5.087 гласови (наспроти 5.681 во прв круг).
Во оние општини каде што се гласаше и за градоначалник на општината во втор круг, Петре Шилегов води со 506 гласови во Центар (водеше со 663 гласови во прв круг) и 7.701 глас во Чаир (каде што водеше 7.513 гласа во прв круг), додека Арсовска води во Карпош со 2723 гласови (наспроти 1.867 во прв круг) и во Шуто Оризари со 359 гласови (каде во прв круг водеше Шилегов со 2.086 гласови).
Резултатите од гласањето во вториот круг го наметнуваат заклучокот дека во Скопје функционирала не само предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ/АА/А, туку и постизборната коалиција со партијата „Левица“.
По првиот круг од локалните избори за градоначалник на град Скопје, одржани на 17.10.2021, во вториот круг се пласираа Данела Арсовска со освоени 86.698 гласови (37,68%) и Петре Шилегов со освоени 78.783 гласови (34.24%), а трет беше кандидатот на Левица Перо Георгиевски кој освои 20.610 (8.96%) гласови во првиот круг.
Во вториот круг разликата помеѓу Арсовска и Шилегов е 28.083 гласови, што е зголемување за 20.168 гласа, приближно колку гласовите на кандидатот на Левица Перо Георгиевски. Шилегов освои 11.9 илјади гласови повеќе од првиот круг, но Арсовска освои 32.067 гласови повеќе, што значи дека покрај гласовите на Левица, Арсовска освоила дополнителни 11.7 илјади гласови од првиот круг.
Ако се споредат гласовите што ги освои градоначалничката Данела Арсовска, со гласовите од претходните локални избори се доаѓа до следниве заклучоци: Данела Арсовска во вториот круг (118.765 гласови) има освоено помалку гласови од Петре Шилегов кој победи во 2017 во прв круг со 141.164 гласови, има освоено повеќе гласови од Коце Трајановски во 2013 (124.455) и 2009 (112.331), и повеќе гласови од Трифун Костовски во 2005 (96.180).
По вториот круг гласање нови градоначалници во Скопје добија општините Карпош (Стевчо Георгиевски од ГРОМ кој победи со 49.61% од освоените гласови), Чаир (Висар Ганиу од ДУИ, кој победи со 55.24% од гласовите), Центар (Горан Герасимовски од СДСМ, кој победи со 51.88% од гласовите), и Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ кој победи со 51.26 проценти од гласовите. Во 10-те скопски општини ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници во 5 (Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, и Ѓорче Петров) ДУИ има во две (Чаир и Сарај), ГРОМ има во една – Карпош, СДСМ има во една – Центар, и коалицијата ДОМ/ЛДП има во една – Шуто Оризари.
Данела Арсовска не е прва градоначалничка на град Скопје, на официјалната страница на Град Скопје, Претходни градоначалници на Град Скопје, се среќава податокот дека „Вера Ацева ја извршува должноста Градоначалник на Град Скопје во 1948“.