ЦИВИЛ Медиа го праша директорот на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски, како ќе тече процесот на пописот, во делот кој ги интересира граѓаните за вакцинирани и невакцинирани попишувачи.
Симовски вели дека КОВИД протоколите мора да се почитуваат и од попишувачите, но и од граѓаните. За граѓаните кои нема да прифатат да ги попишат невакцинирани попишувачи, ќе се обезбеди заедно договорен термин да дојде вакциниран попишувач.
„Се сложувам дека пандемијата е опасна работа, сите сме уплашени, вклучувајќи ме и мене, и верувам дека не постои човек, не само во државата туку и на планетава, којшто не е исплашен од пандемијата. Меѓутоа, елементарната работа е дали ние, сите заедно ќе ги почитуваме предвидените протоколи, а се со точно таа намена, никој да не биде во опасност пописот да биде причина за ширење на пандемијата. Ова е клучниот момент. Дали попишувачот ќе биде вакциниран или не, дали граѓанинот ќе биде вакциниран или не, мислам дека ако ги почитуваме протоколите, тогаш тоа нема да има некое значење.“, вели Симовски.
„Меѓутоа, како и да е, за сите оние што ќе одбијат да бидат попишани од лице кое не е вакцинирано, иако најголем дел од попишувачите се вакцинирани, ќе обезбедиме термин којшто заедно ќе го договориме со тоа лице, да дојде попишувач којшто е вакциниран. Околу прикажувањето, дали тоа ќе биде хартиен или на телефон, тоа е небитно. Битно е тоа лице навистина да биде вакцинирано. Да повторам уште еднаш, тоа не е клучниот момент. Клучно е сите да ги почитуваме протоколите, тогаш сите ќе бидеме заштитени. Бидејќи, јас можам да прашам сите попишувачи да бидат вакцинирани, но ако лицето коешто се попишува не е вакцинирано, тогаш го ставаме во опасност попишувачот. Така што водевме сметка многу за овој дел добивме многу строги критериуми, кои ќе ги почитуваме до максимум. Сигурен сум и убеден, и ќе инсистираме на тоа и граѓаните да ги почитуваат овие протоколи, барем додека заврши процесот на попишувањето.“, посочува Симовски.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети