Собранието на Република Македонија со 69 гласа ја изгласа реконструкцијата на Владата на Христијан Мицкоски, со назначување осум нови министри. Но, она што требаше да претставува обид за консолидација на извршната власт, се претвори во арена на примитивизам и скандалозно однесување, кое резултираше со напуштање на седницата од страна на опозицијата. Главниот актер во овој инцидент беше новиот министер за локална самоуправа, Иван Стоиљковиќ, чие однесување стана симбол за демократскиот дефицит и немоќта на актуелната власт да се соочи со критика. Претходно, Стоиљковиќ беше Вицепремиер задолжен за односи меѓу заедниците и министер за политички систем.
Собраниската седница на 14 јули беше обележана со сериозен инцидент кога Стоилковиќ упати тешки навреди кон пратениците од опозициската СДСМ, Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески. Ситуацијата ескалираше кога, по прекинувањето на седницата, новиот министер директно им се нафрлил на двајцата пратеници со серија вулгарни пцовки. Дека не станува збор само за вербален испад, туку за ситуација на работ на насилство, сведочи и фактот што пратеникот од Алијансата за Албанците, Халид Снопче, морал да интервенира во Клубот на пратениците за да спречи физичка пресметка откако Стоилковиќ продолжил со неконтролираните испади.
Иако точните зборови на Стоилковиќ не се репродуцираат во јавноста поради нивната вулгарност, координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, на вонредната прес-конференција потврди дека се работи за најдолни пцовки и агресивни навреди. Овој говор на омраза не е изолиран инцидент, туку јасен показател за огромната нервоза во редовите на власта. Ваквото однесување доаѓа во моменти кога во Собранието се дискутираше за работата на извршната власт во изминатите две години. Наместо аргументирана дебата за економската состојба, проблемите во земјоделството, социјалните политики и застојот на европскиот пат, власта одговори со вербално, а речиси и физичко насилство.
Поради скандалот, пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците ја напуштија собраниската сала, одбивајќи да бидат дел од седница која ги крши сите демократски критериуми. Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, остро реагираше со барање за итен прекин на седницата, нагласувајќи дека ваквото примитивно однесување од кандидат за министер е апсолутно неприфатливо. Таа најави дека за овој скандал и за навредите ќе бидат директно информирани сите странски амбасади и делегации во земјава.
Лицемерието на власта кулминираше со настапот на премиерот Мицкоски. Додека од една страна се обидуваше да ја смири ситуацијата со млако јавно извинување, дистанцирајќи се од реториката на својот министер, до вчера и вицепремиер, од самата собраниска говорница тој директно го навреди пратеникот Битиќи, нарекувајќи го „фрустриран и мизогин лик“. Со ова, Мицкоски само го легитимираше речникот на Стоилковиќ.
Суштинското прашање останува неодговорено: Како е можно кандидат за министер, кој треба да биде изгласан токму од тоа Собрание, да манифестира вакво ниво на некултура и сепак да биде награден со функција од премиер кој и самиот користи навредлив дискурс кон опозицијата?
Дополнителен удар врз достоинството на институциите зададе и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Иако, како претседател на Собранието кој претседаваше со седницата, тој остана нем пред навредите, избирајќи го молкот наместо заштитата на интегритетот на пратениците и законодавниот дом.
Во сенка на овој инцидент, помина самата реконструкција која опфаќа клучни ресори, при што коалицијата „Вреди“ формално го зајакнува своето влијание во владината структура. Новиот владин состав ги вклучува: Јетон Шасивари (правда), Агон Ферати (односи меѓу заедниците), Седат Сулејмани (култура и туризам), Борче Серафимовски (земјоделство, шумарство и водостопанство), Сашо Клековски (здравство), Ѓоко Велковски (социјална политика, демографија и млади), Иван Стоиљковиќ (локална самоуправа) и Ерџан Демир (министер без ресор). Истовремено, разрешени се Игор Филков, Цветан Трипуновски, Азир Алиу, Зоран Љутков, Фатмир Лимани, Златко Перински и Шабан Салиу.
За опозицијата, но и за независните пратеници, како Миле Цеков (кој неодамна ја напушти ЗНАМ на Максим Димитриевски), оваа реконструкција е само признание за неуспехот и неспособноста за спроведување на суштински реформи. Цеков отворено ја обвини власта за изневерување на изборните ветувања и за политички пазарења зад затворени врати.
Случувањата во Собранието се само уште еден мрачен потсетник за состојбата на политичката култура и демократијата во земјата. Собранието, а уште повеќе владата на Мицкоски покажаа целосно отсуство на демократски капацитет, европски вредности и отчетност. Мицкоски и неговата влада покажаа дека единствениот одговор што можат да го дадат на критиката е сведен на пцовки, навреди и говор на омраза, дури и од говорницата на законодавниот дом.
Џ. Дерала












