пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Официјалните разговори меѓу премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев и привремениот премиер на Република Бугарија Стефан Јанев завршија со протоколарни изјави, кои во моментот кога Бугарија е на еден месец пред предвремени парламентарни избори чиј исход не може да се прогнозира, не носат голема тежина, но го навестуваат патот (трнлив) по кој ќе се одвиваат натамошните разговори и преговори околу подигнување на бугарската рампа за почеток на нашите преговори со ЕУ. Таа рампа според бугарските извори нема да биде подигната на 24 јуни за кога е закажан министерскиот совет на ЕУ. Посетата на Заев на Софија се случи една недела пред состанокот на Советот на ЕУ, кога би требало да очекуваме одлука дали и кога ќе се одржи меѓувладината конференција Македонија – ЕУ и земјата да ги почне преговорите со Унијата.
Ако етимолошки ги анализираме изјавите од состанокот на двајцата премиери на 17 јуни во Софија дека „прозорецот кон ЕУ за Македонија (и за целиот Западен Балкан) е отворен, јасно е дека низ прозорецот само се гледа, а низ вратата се влегува. Кога ќе го преведеме дипломатскиот речник на политичарите, тоа значи дека вратата за влез во ЕУ, за нас – Република Северна Македонија, останува (барем засега) затворена ‒ прозорецот секако останува отворен и низ него можеме да ја гледаме ЕУ.
Меѓутоа, овие разговори дадоа голем придонес за создавање позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована врз убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската Унија заедно. Интересот на Европската Унија е видлив, тој е поврзан со регионалната безбедност, поврзан со присоединувањето на земјите од Западниот Балкан кон Европската Унија. ЕУ, всушност, е вклучена веќе на некој начин во овие преговори, еврокомесарот беше во Скопје и во Софија, така што европска помош има каде што треба.
Трпение до есен
Во Бугарија се закажани избори на 11 јули, по што ќе се формира политичка влада којашто се надеваме дека навистина ќе ги продолжи разговорите и ќе се најде конечното решение. Но да бидеме реални, тоа значи дека „вратата нема да се отвори“ кон ЕУ пред септември, октомври, декември оваа година.
„Но важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што Бугарија нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки“, вели македонскиот премиер.
Ако не постигнеме решение, да се изнајдат начините каде што дефинитивно македонскиот јазик и идентитет се надвор од разговорите, да го решиме барем делот на секторската соработка меѓу двете земји, интензитетот на состанување на комисијата и низ португалскиот предлог што дефинитивно го штити македонскиот јазик и идентитет.
Бугарија настапува како членка на Европската Унија. И не само како членка, туку како членка што ги користи инструментите на Унијата. На тој начин Софија ја претвора Унијата во агресор и дестабилизатор на овој дел од Балканот, со можни пошироки импликации. Ја уништува веродостојноста на Унијата, нејзините принципи, нејзиниот најголем надворешнополитички успех. Тоа е опасен преседан што ја дисквалификува Унијата и ја ослободува од моќта по кое било сегашно или идно прашање од меѓународната политика да зазема позиции и да се наметнува како фактор.
„Бугарска политика“
Разговорите во Софија се одвиваа во хаотична ситуација во која пред изборите се наоѓа бугарската влада, затоа и не беше за очекување дека привремениот премиер Стефан Јанев може да навести некакво поместување во решавање на спорот. Тој дипломатски изјави дека Бугарија ќе ги поддржи на патот кон ЕУ и Република Северна Македонија и Албанија, односно целиот регион на Западен Балкан.
„Во моментов имаме отворен прозорец за можноста да ги решиме отворените прашања што произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија“.
Заедничката цел е да се создаде добра атмосфера за дијалог и пријателство и да се изнајдат прифатливи решенија за двете страни.
Но истиот ден, односно вечерта пред почетокот на разговорите со македонскиот премиер, привремениот премер на Бугарија Стефан Јанев за националната телевизија во емисијата „Актуелно“, на прашањето дали Бугарија ќе ја поддржи преговарачката рамка за Република Северна Македонија, категорички изјавил:
„Сега во оваа позиција ние не сме во состојбата да го промениме нашиот став и нема да одобриме почеток на преговорите. Ние нема да го одобриме тоа, бидејќи во моментот нашите услови се дефинирани и заокружени со одлука донесена во парламентот. Привремената влада не е во позиција и нема мандат да направи каков било чекор напред во друга насока“.
Бугарија не е во ситуација да отстапи и да ја промени својата позиција или да прави компромис. И Владата и парламентот имаат јасни инструкции која е бугарската национална позиција и не може да отстапи од рамката за преговорите зацртана во 2019 година.
Разговорите ќе се одржат и во општата политичка слика и во длабочина и конкретност во потрага по соодветни решенија. Тој нагласил дека спроти средбата имал неколку телефонски разговори со премиерот Заев и дека му предложил да седнат и добрососедски да разговараат за евентуалното можно решение по изборите.
„Јас предложив да седнеме и добрососедски да разговараме и да бараме решение, ако сме во состојба да подготвиме рационално решение, би можело да се очекува по изборите за новиот состав на парламентот да понудиме решение. Во наш интерес и во интерес на ЕУ е овој спор да се реши и не би сакал спорот да остане нерешен, бидејќи тоа не е добро ни за регионот ни за ЕУ: „ако бидеме во состојба да го подготвиме потенцијално решение по изборите, тогаш можеме да очекуваме во наредните неколку месеци спорот да биде решен.“
Оваа јасна изјава на Јанев ја пренесе и порталот БГНЕС и сите други.
Опишувајќи ја моменталната политичка ситуација во земјата од која произлегува ваков став, тој нагласил дека ситуацијата во која се наоѓа привремената влада може да се нарече „хаос“. „Но сепак, се обидувавме да работиме во интерес на граѓаните и треба да се разбереме дека имаме управа на државата што не одговара на стандардите, не одговара на решенијата и не може да донесува одлуки за важни потреби на граѓаните, кои го очекуваат тоа.
Во дипломатските кругови во последните сто години неискрените изјави на политичарите се нарекуваат „бугарска политика“.
Билатерален проблем
За премиерот Заев, проблемот со Бугарија е билатерален и во таа насока се водени разговорите во Софија. „Постои можност да изнајдеме решение“, дециден е Заев, кој смета дека веќе е направен исчекор со тоа што двајцата премиери седнале на заедничка маса и разговарале за изнаоѓање билатерално решение.
„Решението што е на маса пред нас мора да води грижа за двете страни. Само така ќе има успешна реализација“, вели Заев. „Секојпат се добредојдени пријатели што сакаат да помогнат, но дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме. Разговорот уште еднаш го потврди големото пријателство меѓу нашите две земји. Битно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање решенија.
И бугарскиот претседател има исто мислење.
„Македонија има европска перспектива, но на тоа треба да работат двете земји со уште поголема доверба и поинтензивен дијалог. Ние, двете држави, треба заедно да ги решиме тие нешта, не Брисел, не Париз, не Берлин, туку ние заемно. Нам не ни требаат ни посредници ни преведувачи. Нема потреба, ние сме најблиски, ако се вклучи европска земја треба преведувач, зошто ни е преведувач да трошиме време. Бугарија е подготвена да работи за изградба на мостови меѓу нашите две страни, за развој на економски, трговски и образовни врски и, најважното, за зближување на граѓаните. Верувам дека заедно со нашите пријатели во РСМ, со кои споделуваме заедничко духовно пространство, сме решени да ја споделиме и заедничката иднина во Европа. Нашата заедничка писменост и нашата заедничка илјадагодишна историја и култура не само што ни олеснува, туку и нѐ обврзува на тоа.“
Стефан Дечев: Не е разумно. Се разбира, двете страни мора да го сфатат ова прашање многу сериозно. Да, навистина сум го кажал тоа многупати, но ќе го повторам и сега:
„За Бугарија е многу важно да се откаже од тврдењето дека 100 % од историската вистина е на бугарска страна, а македонските политичари и државници, како и македонската историографија, мора да се збогуваат со убедувањето дека можат да поминат низ целиот процес на преговори без критички осврт кон македонскиот историски наратив. Доколку нема такво позиционирање, како за Софија, така и за Скопје, мислам дека нема да има деблокирање на преговорите.“
Каракачанов направи „да ги мразиме Бугарите повеќе од кога било “
Интересен е коментарот на професор Иваило Дичев за „Дојче веле“ на бугарски јазик, осврнувајќи се на однесувањето на Каракачанов во македонско-бугарските односи, вели дека Каракачанов направил Македонците да ги мразат Бугарите повеќе од кога било.
„Нашата балканска политика очигледно е катастрофа. За три дена Каракачанов постигна нашите соседи да нè мразат поенергично од кога било, и поради тоа европскиот притисок расте, така што на крајот Скопје ќе се приклучи кон ЕУ против наша волја, а ние ќе бидеме повторно навредени и осамени.
Насоката што ја презедовме со оваа несреќна историска комисија е очигледно погрешна. Нашиот проблем со Македонците не се историските факти, туку идентитетите изградени во текот на 20 век. Моја почит кон научниците што изнесуваат архивски единици и сведоштва, но овие работи се важни за нивната наука, не за сегашноста. „Кражба на историјата“ е смешен израз: историјата се случила и сегашната политичка волја на еден или друг владетел не може да ја смени, како што мислеа за време на комунизмот и пошироко, кога Централниот комитет одлучувал кои се историските факти. Оној што не знае историја не е крадец, туку е неук. А идентификацијата е нешто сосема друго – избираме примероци од историски, литературни, религиозни ликови, кои не ни се наметнати од експерти.
Привремената влада нема легитимитет за отстапки
Велизар Енчев, дипломат, универзитетски професор, бивш разузнавач вели: „Не можам да претпоставам дека привремената влада ќе направи отстапки за Република Северна Македонија“, изјави за БНР (Бугарско национално радио – радио Бугарија Велизар Енчев, новинар и пратеник на БСП (Бугарска социјалистичка партија), а го пренесе порталот Актуелно. На ниво на политичари, земјата ни даде сигнал дека е подготвена да ја преиспита својата бескомпромисна позиција:
„Не сум загрижен дали привремената влада назначена од претседателот Румен Радев ќе се повлече од функцијата затоа што има две пречки: нема функционален парламент, не може да сврти грб на два документа – Декларацијата на Националното собрание и Бугарската рамковна позиција за проширување на ЕУ. Втората бариера е чисто политичка – Бугарија не може да биде принудена да се откаже од своето културно и историско наследство и да го пушти Скопје во ЕУ, како што ги пуштивме во НАТО без никакви услови. Енчев вели дека има силен притисок врз Бугарија да се повлече од својата позиција. „Овој притисок е од сите земји“. Европската комисија ни рече дека треба да ја преиспитаме нашата позиција и да смениме ставот во ЕУ на 22 јуни со укинување на ветото“.
Тој појасни дека ниту на ниво на билатерална историска комисија ниту на ниво на политичари нема сигнали дека земјата е подготвена да ја преиспита својата бескомпромисна позиција.
Ист јазик со две имиња
„Дојче веле“ на бугарски јазик објави, цитирајки извори во бугарските владини кругови, дека Заев предложил пет опции за компромисно решение за спорот со Бугарија. Една од нив ја содржеше варијантата да се каже дека Бугарите и Македонците зборуваат ист јазик, кој, сепак, е меѓународно признат како два различни јазика.
Во Софија Заев исто така изјави дека ако Бугарија го поддржи почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, Македонците ќе ги направат потребните компромиси за спорните историски теми. Заев исто така истакна дека очекува нов стимул за работата на заедничката историска комисија. Вториот предлог што го изнесе премиерот на РС Македонија на преговарачката маса се однесуваше на забрзувањето на железничкиот проект Гуешево − Софија.
Став на Владата на Република Северна Македонија во врска со „пишувањата за тоа што како предлози презентирала македонската делегација за време на работните средби на 18 јуни е шпекулација“. Владата смета дека во разговорите во Софија сме обезбедиле унапредување на меѓусебната доверба и дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија. Овој позитивен исчекор ни овозможи да разговараме за можностите за решенија за што добра основа е португалскиот предлог.
Владата смета дека решенијата мора да водат грижа за двете страни односно да ги адресираат прашањата што се важни и за Македонија и за Бугарија. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив, неопходен е дијалог, а сега, еве, дијалогот е повторно на маса. Оттука не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија што се споделуваат низ дел од медиумите.
Став на бугарските партии
МЕЃУСЕБНИ ОБВИНУВАЊА
На официјалната страница на политичката партија ГЕРБ (Граѓани за европска Република Бугарија) е објавен ставот на лидерот на оваа партија Бојко Борисов во врска со посетата на премиерот на Република Северна Македонија на Бугарија. По разговорот со македонскиот премиер, Борисов изјави:
„Радев и неговата влада ја лажат Северна Македонија дека ги поддржуваат за членство во Европската Унија. Убеден сум затоа што ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете, особено Радев – тој ќе ви каже дека ништо не може да се направи без парламент – префрлам сè во новиот парламент – му предочил Борисов на Заев.“
Ова го рече претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов за време на неговата средба со делегација предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, што се одржа во седиштето на партијата веднаш по пристигнувањето на Заев во Бугарија. Според Борисов, привремениот кабинет ги има сите права и може да преговара за нов договор со Република Северна Македонија, доколку не им се допаѓа сегашниот договор за добрососедство. „Но тие ќе избегаат од одговорноста затоа што секогаш го прават тоа. Според претседателот на ГЕРБ, сегашната влада нема да може да ги измами нашите евроатлантски партнери.
Претседателот на ГЕРБ предложи да се организира голем бугарско-македонски младински форум, со застапеност од сите партии, за да се отвори патот за пријателство меѓу двата народа и да запре омразата во иднина. Ако не најдеме решение, како две земји и два народа, генерации млади Македонци и млади Бугари ќе се мразат едни со други.
Слави Трифонов, лидер на бугарската партија „Има таков народ“, кој според последните анкети е најголем фаворит за победа на предвремените избори во Бугарија на 11 јули, само неколку часа по разговорот со македонскиот премиер Заев на предизборен митинг во Пловдив изјавил:
„Република Северна Македонија не може да ги започне преговорите за членство во ЕУ без да ги исполни потребните услови. Сѐ додека Бугаринот не е спокоен во однос на неговата историја, што претставува и Република Северна Македонија, нашето мислење ќе биде исто како и на сите Бугари.“
Илхан Ќучук, европратеник: „Кај мене нема оптимизам за старт на преговорите со ЕУ во јуни, бидејќи Бугарија е повторно во предизборен период и без влада. Има многу силен дипломатски интензитет во разговорите што се водат и тие не се само од страна на Португалија.
Кирил Топалов, бугарски член на историската комисија:
„Соништата на нашите пријатели и роднини во Република Северна Македонија е ЕУ да ни наложи да ги пуштиме да започнат преговори се залудни и невозможни.“
Стефан Дечев, бугарски историчар:
„Не мислам дека до јуни има каква било можност за чекор напред во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а за декември мојот оптимизам е многу умерен.“
Ангел Димитров, копретседавач на историската комисија:
„Македонските историчари изгубија три години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, со која станува јасно дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја. Можам да кажам дека не можеме да бидеме под притисок ако јасно ги браниме бугарските позиции.“