Стевче Дечев
На четврти јули, се одбележаа 250 години американска државност. Четврти Јули не е само национален празник на Соединетите Американски Држави. Тој е потсетник на една идеја – дека слободата, достоинството на човекот и правото на сопствен избор се вредности за кои вреди да се бориш.
Во изминатите 250 години Америка има поминато низ бројни искушенија и противречности. Земја изградена врз идеалите за слобода, а во исто време долго време живеела со товарот на ропството. Дури и таа тема поинаку мора да се гледа, зашто историски е најточно да се каже дека ропството е глобален историски феномен со многу постаро потекло од САД, а современиот систем на трансатлантско ропство бил создаден и развиен од европските колонијални сили или и многу порано од Египет, Римската империја, Хеленскиот Свет, а потоа продолжил и во новосоздадените американски држави.
Сепак, силата на САД не е во тоа што била совршена, туку што постојано се обидувала да ги надминува сопствените неправди. Борбата за еднаквост, човекови права и граѓански слободи останува дел од американската приказна и денес.
Америка постојано се менувала и се менува. Се соочува со нови предизвици, внатрешни поделби и глобални кризи. Но, и покрај сè, останува најмоќната држава во светот, со огромно влијание врз светската политика, економија и безбедност.
Односите меѓу Македонија и САД имаат свои подеми и разочарувања, но има и моменти што остануваат запаметени. Еден од нив е кога САД ја признаа Македонија под нејзиното уставно име, во период кога тоа беше од исклучително значење за нашата држава. За многумина, тоа беше јасен сигнал дека, покрај сопствените геополитички интереси, постои и поддршка Македонија да опстои како посебна држава со свој национален и државен идентитет. Верувам дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина.
Се памети и сликата кога американскиот Претседател Џорџ Буш – помладиот имаше заедничка молитва со нашиот Претседател Борис Трајковски. Како христијанин, ме радува што многу христијани во Америка и денес се молат за Македонија. Таа духовна поврзаност, како и пријателството меѓу многу луѓе од двете земји, претставува значајна поддршка што треба да се цени.
Добрите односи меѓу Македонија (како дел од Југославија, а подоцна како независна држава) и САД имаат повеќе значајни историски моменти. Поддршката на САД за Југославија започнува по разидувањето со СССР и најзначајниот момент, конфликтот меѓу Јосип Броз Тито и Сталин во 1948 година. Откако Југославија била исклучена од Коминформот со познатата Резолуција на Информбирото, постоела реална опасност од советска инвазија. Иако Југославија останала социјалистичка држава, таа повеќе не била под контрола на Москва. Во тој период САД започнале политика на поддршка со цел: да се спречи враќањето на Југославија под советско влијание; да се покаже дека постои независен пат од СССР; да се зајакне стабилноста на Балканот. Помошта вклучувала: стотици милиони долари економска помош; кредити; испорака на жито и храна; индустриска опрема; техничка експертиза. Македонија, како една од шесте републики, индиректно користела дел од оваа помош преку федералниот буџет.
Во екот на Студената војна САД имаат испорачано значителна воена опрема за Југословенската народна армија. Меѓу испорачаната опрема има: тенкови, авиони, артилерија, транспортни возила, комуникациска опрема.
Југославија тогаш има добиено најголема американска воена помош, иако е земја која не е членка на НАТО.
Иако воената помош не е наменета специјално за Македонија, македонските гарнизони тогаш се дел од системот на ЈНА.
Земјотресот во Скопје (1963) е веројатно најпознатиот пример на директна американска помош за Македонија. САД тогаш имаат испратено итна хуманитарна помош, медицински тимови, шатори, лекови, градежна механизација, финансиски средства. Администрацијата на Претседателот Џ.Ф.Кенеди активно учествувала во меѓународната акција за обнова на Скопје.
Скопје со тоа станал симбол на меѓународната солидарност, а САД се вброиле меѓу најголемите донатори.
Во економскиот развој во времето на Југославија во текот на 1960-тите и 1970-тите: американски банки одобриле кредити; американските компании инвестирале во одредени индустриски проекти; преку Светската Банка и други меѓународни институции, поддржани од САД, финансирале инфраструктурни проекти. Од тие инвестиции корист имале и македонските фабрики, патишта и енергетски капацитети.
По распадот на Југославија: САД ја поддржаа мирната независност, работеа на зачувување на стабилноста, помогнаа Македонија да избегне војна каква што ја зафати Хрватска и Босна.
Иако официјалното дипломатско признавање доаѓа во 1994 година, американската дипломатија е активно вклучена во процесот на меѓународна поддршка.
Еден од историските моменти е распоредувањето американски сили како дел од мировната мисија на UNPF, а подоцна и на UNPDF. Тоа е првата превентивна мировна мисија на ОН, прво распоредување американски војници во независна Македонија.
За време на конфликтот во Македонија САД посредуваа во политичките разговори и Американската дипломатија има важна улога заедно со Европската Унија.
По 2001 година САД инвестираа во модернизација на Армијата, обука на специјалните единици, донации на воена опрема и овозможија учество во мировни мисии. Македонските војници потоа учествуваа заедно со американските сили во Авганистан и Ирак.0
УСАИД е една од институциите што има најголемо долгорочно присуство во Македонија. Во последните три децении USAID инвестираше во: развој на локалната самоуправа; реформите во образованието, независноста на медиумите, дигитализацијата, судските реформи, поддршката на малите и средните претпријатија, земјоделството, антикорупциските програми и граѓанските организации.
Вкупната американска развојна помош за Македонија се мери во стотици милиони долари од независноста наваму.
САД беа еден од најсилните поддржувачи на интеграцијата на Македонија во НАТО. При што Американската администрација: обезбедува воени реформи, советници, заеднички вежби и политичка поддршка.
По решавањето на спорот за името, САД силно го поддржаа приемот на земјата во НАТО во 2020 година.
Во 2024 година, САД обезбедиле околу 39 милиони американски долари помош за Македонија. Од независноста на Македонија (1991) досега, американската влада има обезбедено повеќе од 1 (една) милијарда долари различна помош за државата.
Економската соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави постојано се развива, при што вкупната трговска размена во 2024 година достигнала околу 234 милиони американски долари, од кои само 60,6 милиони долари се американски извоз во Македонија.
Според најновите официјални податоци, САД не се меѓу првите 10 трговски партнери на Македонија според вкупната трговска размена. Сепак, влијанието на САД врз македонската економија е многу поголемо отколку што покажуваат трговските бројки. Причината е што американската соработка најмногу се огледа преку инвестиции на американски компании,
повеќе од 900 милиони долари развојна помош од независноста наваму (споредено со Русија од која имаме едвај десетина милиони), поддршка на приватниот сектор, иновациите и претприемништвото преку United States Agency for International Development, финансиска и техничка поддршка за реформи и подобрување на деловната клима.
Затоа, ако се оценува само трговската размена, САД се надвор од водечките партнери. Но ако се земат предвид инвестициите, развојната помош, поддршката на институциите и стратешкото економско партнерство, САД се меѓу најзначајните меѓународни партнери на Македонија.
Според најновата проценка на американскиот попис (American Community Survey 2024), околу 65.000 Американци се изјасниле дека имаат македонско потекло. Сепак многу македонски организации сметаат дека реалниот број е значително поголем (100.000–200.000 или повеќе), бидејќи голем дел од иселениците и нивните потомци се изјаснуваат како American, Yugoslav или под друга етничка припадност, наместо како Македонци. Овие повисоки бројки, сепак, не се официјални пописни податоци.
Големите држави, секако, секогаш имаат свои интереси. Тоа е реалноста во меѓународните односи. Но, интересите не мора секогаш да бидат спротивставени на вредностите. Верувам дека американската поддршка кон Македонија низ годините била насочена и кон зачувување на мирот, слободата, правдата и можноста македонскиот народ да го гради и зачува својот идентитет. Во таа смисла, приказната за Мис Стоун останува симбол на пријателството и солидарноста меѓу двата народа.
Некој ќе каже дека Америка е „светски полицаец“. Секој има право на свое мислење. Но, јас верувам дека злото не е само на оној што го прави, туку и кај оној што молчи и стои настрана. САД не се држава која тоа го премолчува. Како најмоќна држава во светот, САД често преземаат активна улога кога сметаат дека се загрозени мирот, безбедноста или човековите права. За тие политики може да се дебатира, но не може да се негира дека американското влијание оставило силен белег врз современиот свет.
Можеме да имаме различни политички ставови и различни оценки за американската надворешна политика. Но, тешко е да се оспори дека темелите врз кои се создадени Соединетите Американски Држави – слободата, демократијата, владеењето на правото и можноста секој човек да ги оствари своите соништа – остануваат инспирација за милиони луѓе ширум светот.
По повод 250-годишниот јубилеј на Соединетите Американски Држави, нека ова биде честитка не само за една држава, туку и за идеалите што ја направија симбол на слободниот свет. Нека тие вредности продолжат да бидат поттик за поголема правда, мир и достоинство меѓу народите.
Текстот е личен став на авторот | Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА.













