Денеска во Слободна зона ќе читате за 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија: Џабир Дерала пишува за македонската независност, од проодувањето до денес, Петрит Сарачини тврди дека ќе нè биде, но само заедно, Сашо Орданоски пишува дека заслуживме да имаме независна држава.
„30 години независност. Низ нив, доживеавме многу заеднички успеси, радости, напредок на важни полиња, но и многу разочарувања, неуспеси, поделби, назадување на исто така важни полиња. 30 години, постојано сме на некој крстопат, постојано во неизвесност, дали ќе нè биде или не.
По триесет години, можеме да кажеме дека ќе не биде. Но, и дека сè уште не нè бидува – за да не биде. Не колку да не биде, туку да не биде онака како што треба. Како што ги бидува луѓето во државите чиј развој сакаме да го достигнеме, како што посакуваат верувам сите, или барем огромно мнозинство од оние што ја делиме заедничката судбина живеејќи во една иста, заедничка држава“, пишува Петрит Сарачини во својата колумна „30 години независност: Ќе нè биде, но само заедно!“.
„Правецот е познат – прогресивна, мултикултурна, демократска и мирољубива заедница на македонски граѓанки и граѓани. Држава во која секој ден се работи на унапредување на човековите права и слободи, без страв од државниот апаратус (не беше така секогаш). Сѐ друго не ќе нѐ врати онаму каде што не сакаме да се видиме себеси и идните генерации.
Затоа, да ги тргнеме барем на овој голем празничен ден, мислите од деструктивните структури на страна, да погледнеме зад себе и да ги запомниме грешките и да бидеме горди на постигнувањата. Да гледаме кон иднината и да се трудиме да бидеме горди на тоа што сме го постигнале во минатото на следниот ваков јубилеј.
И да не заборавиме да им заблагодариме на големите и искрени пријатели во Европа и во светот, кои беа и сѐ уште се со нас, и во тешките и во убавите денови за нашата земја“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЛАЈОТ насловен „Македонската независност, од проодувањето до денес“.
„Сепак, кога нашите генерации ќе ги покрие „рузмарин и шаш“ и кога ќе се подзаборават сите изминати афери, скандали, анегдоти и политикантски епизоди, како и пропаднатите и успешни проекти, она што ќе остане е фактот дека пред 30 години се востанови македонската државна независност како меѓународен факт што не може да се спори.
Тоа е доволна, а и одлична причина да си го честитаме и овој 8-ми Септември, Денот на независноста на државата“, пишува Сашо Орданоски во својата колумна „Честит празник! Заслуживме!“.