пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
30 години независност. Низ нив, доживеавме многу заеднички успеси, радости, напредок на важни полиња, но и многу разочарувања, неуспеси, поделби, назадување на исто така важни полиња. 30 години, постојано сме на некој крстопат, постојано во неизвесност, дали ќе нè биде или не.
По триесет години, можеме да кажеме дека ќе не биде. Но, и дека сè уште не нè бидува – за да не биде. Не колку да не биде, туку да не биде онака како што треба. Како што ги бидува луѓето во државите чиј развој сакаме да го достигнеме, како што посакуваат верувам сите, или барем огромно мнозинство од оние што ја делиме заедничката судбина живеејќи во една иста, заедничка држава.
Клучни состојки за да нè биде, драги мои, се заедништвото, солидарноста, одговорноста кон придобивките и големото наследство од претходните генерации, заедничкото чување и негување на работите што не прават не само подобри луѓе, туку пример и за оние поразвиените од нас.
Наспроти тоа, погледнете кои се „резултатите“ во моментите кога повеќе простор и значење во општеството добивале поделбите по различни основи, лагите, омразата, насилството. Секогаш кога се случувало тоа, исходот бил поразителен.
Затоа, да бидеме горди на нашата татковина, на овој преубав мозаик на различности што го градиме заедно – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми…сите народи на Македонија!
Да бидеме горди и да ги почитуваме сите наши различности какви и да се тие– верски, идеолошки, родови, сексуални…Секогаш кога сме заедно, ги надминуваме сите предизвици и победуваме.
Клучот на сите наши победи е токму тој мозаик, нашата различност, разнобојност, но и сплотеност во желбите, идеалите и љубовта кон нашата земја и сè она што таа го претставува.
Нашето единство, стремеж кон еднаквост, меѓусебна почит, нашите желби да живееме во поубава, поздрава, поправична, поразвиена и попросперитетна земја – како за успесите во минатото, нека бидат наша водилка и за иднината!
Честит 8 Септември – Ден на независноста, драги сограѓанки и сограѓани! Да живее нашата Република, да живее Северна Македонија, татковина на сите нејзини граѓанки и граѓани!