Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Сашо Орданоски, Џабир Дерала и Даница Павловска-Циги:
„Прилично одамна, многу попаметни од мене, заклучиле дека корупцијата не е болест на поединечните или групните клептомани во и околу власта, туку симптом на состојбите во општеството. Кога се јавува во помасовни размери – за потоа да се третира дури и како дел од „менталитетот“ на некоја заедница – корупцијата, всушност, симптоматски укажува на тоа дека општеството е соочено со долгогодишна (обично и повеќегенерациска) нестабилност, неизвесност и непредвидливост, што тера многумина својот општествен статус да го стекнат, да го заштитат и да го унапредат на „нередовен“, брз, рискантен, но за многумина исплатлив начин. „Једном се живи!“, кого ќе го фатат (Рашковски, можеби) го фатиле, но многумина други се обидуваат – и сигурно ќе го прават тоа и во иднина – својата вертикална социјална мобилност да ја обезбедат со корупција, а не со инвестирање во трајни вредности и однесувања, како што е тоа во „нормалниот“ свет“, вели Сашо Орданоски во колумната Кога корупцијата ќе ги изеде сопствените деца
„Граѓанките и граѓаните не ги плаќаат политичарите да сеат омраза и непријателства, не ги плаќаат да им штетат на институциите и на демократските процеси, туку да работат и да носат одлуки за добробитта на општеството и државата. Одамна е познато дека мета на деструктивните кампањи се политичките противници, но и активистите, новинарите и интелектуалците. Кампањите се ужасни: се повикува на леење крв, убиства и линч, се навредува и плука со крајно погрдни изрази, се прават фото и видео монтажи, дрско се лаже и се клевети. Дури ни децата не се поштедени во овие грозоморни кампањи“, пишува Џабир Дерала во денешниот РАФАЛ Не ги плаќаме политичарите да сеат омраза и непријателства
„Темата “паркиралиште на Холидеј Ин“ мора да се започне со вовед дека урбанизмот и како наука и како практикум, е навредливо маргинализиран подолг период и дека последиците од толку неодговорен и примитивен однос кон планирање на просторот, ги чувствуваме. Значаен момент во овој провокативен период е донесувањето и стапувањето на сила на новиот Закон за урбанистичко планирање кој предвидува нови пристапи, нови алатки, висока стручност во примената. Во новиот Закон се препознаваат доследност кон елементарните принципи во процесите на планирањето како на пример во ставот 5 од членот 35: „Детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план, не може да се применува.“, пишува архитетката Даница Павловска-Циги во Заробен простор