Судот ја запре постапката против екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, екс собранискиот спикер, Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски за случајот „Организатори на 27 април“.
Судот го прифати барањето на обвинетите по поднесокот за амнестија без да се изведуваат материјални и вербални докази.
„Слободни сте, може да одите“ – им рече судијата по одлуката.
Во доставеното мислење до Основниот кривичен суд Скопје од ОЈО ГОКК за примената на Законот за амнестија во случајот „Организатори на 27 април“, се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, особено ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.
Како што соопштија тогаш од Обвинителството, мислењето е донесено врз основа на ставот на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по напатствија на Апелацискиот суд Скопје. Дополнуваат дека ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложил, пред сѐ имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија.
Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.
Извор: Прес24
видео: МИА