Поимот „slop“, кој младите го користат за да означат содржини генерирани од вештачка интелигенција, сè повеќе станува дел од секојдневниот речник. Она што пред неколку години изгледаше како далечна иднина, денес се претвора во масовен тренд – особено со појавата на апликации што овозможуваат за неколку секунди да се создаде целосно видео.
Еден од најпознатите новинари кои го следат овој феномен е Кевин Рус, ко-водител на подкастот „Hard Fork“. Пред две години тој стана глобална вест кога тогашниот чат-бот на Microsoft и OpenAI, Sydney, му изјави „љубов“ и дури го повика да ја остави својата сопруга.
Денес, новата алатка Sora од OpenAI отиде чекор понатаму: таа генерираше видео каде Рус „флертува“ со робот. Сцената беше осмислена како романтична комедија од осумдесеттите во Њујорк, со пикник во Централ парк и љубов меѓу човек и машина составена од CRT монитор и стари метални делови.
Во напис на Њу Јорк Тајм, Кевин раскажува за Sora и видеата креирани со ВИ:
– Лудо е! За да ја користиш Sora, која засега е достапна само во САД и Канада, мора да добиеш покана од пријател. Откако ќе се регистрираш, апликацијата бара да создадеш „cameo“ од себе: велиш неколку зборови пред камера, малку ја движиш главата, и таа од тоа прави дигитален лик што можеш да го ставиш во било каква ситуација.
Можеш дури и да наместиш пријателите на апликацијата да го користат твојот дигитален лик. Еден корисник ја замолил апликацијата да креира видео од следниот промт: „’80s rom-com во Њујорк. Го гледаме младиот и препи @kevinroose како се вљубува во робот составен од стари делови и CRT монитор. Тие се на пикник во Централ парк.“
Како функционира тоа?
Во суштина, моделите предвидуваат кој е следниот дел од видеото во секвенцата. Базирани се на истата технологија што стои зад ChatGPT и другите текстуални модели, обучени да обработат огромни количини податоци од интернет. Со тек на време, тие учат како изгледа и се движи светот, па кога ќе им дадеш промпт, можат да „замислат“ како би изгледала сцената низ времето.
Колку популарно може да стане ова?
Судејќи според моите социјални мрежи, мислам дека ВИ видеата ќе бидат хит. Не знам дали ќе успее целосна ВИ апликација како Sora, или луѓето само ќе прават клипови за TikTok, Instagram и групни четови. Но дефинитивно има многу забава во тоа да ги ставиш пријателите во смешни сценки.
Што се случува во светот – Кина, Европа?
ByteDance, компанијата што го поседува TikTok, прави свои модели за видео-генерација, а некои од нивните ефекти веќе се гледаат во TikTok. Во Германија, стартапот Black Forest Labs соработува со Meta на новата апликација за генерирање видеа – Vibes.
Моите тинејџери се возбудени – гледаат шанса да создаваат, како да снимаш филм без буџет од Холивуд. Но можностите за злоупотреба се бескрајни.
Што најмногу те загрижува?
Загрижен сум дека овие апликации ќе се користат за хипер-реалистични deepfake видеа и уште повеќе ќе го нарушат информативниот екосистем. Лесно е да се направи лажно видео со политичар кој прима мито или кажува нешто инкриминирачко.
Исто така ме плаши ефектот врз менталното здравје – сите луѓе да имаат бескрајна библиотека на хипер-персонализирана, ултра-стимулирачка А.И. содржина. (Ако мислевте дека зависноста од телефони е проблем сега, почекајте кога сè на телефонот ќе биде генерирано токму за вас!)
Може ли да се спречи темната страна?
Големите компании ќе се обидат да воведат филтри, забрани за користење на заштитени содржини и ликови на јавни личности, водени жигови итн. Но сигурно ќе има и помали компании или open-source модели кои нема да ставаат ограничувања.
За жал, мислам дека „мачката генерирана од вештачка интелигенција е веќе излезена од вреќата“.
Иднината во која нашите екрани ќе бидат преплавени со синтетичка, но реалистична медиумска содржина, веќе пристигна, предупредуваат аналитичарите.