Откако се рашири на социјалните мрежи известувањето на ТВ Телма со кое им забранува на своите новинари да коментираат за политички случувања на социјалните мрежи, се разви жестока дебата. Главниот и одговорен уредник Атанас Кировски на својот Фејсбук профил истакна дека тоа е според етички кодекс и стандарди на Би Би Си.
„Кога работев во Би Би Си, ме повикаа да гостувам на телевизиска дебата, околу одредена политичка тема. Ги прашав уредниците дали може да гостувам и тие ми одговорија се разбира дека не може, бидејќи не сум портпарол на Би Би Си за да ги соопштам ставовите на Би Би Си. На моето прашање дали може да го искажам својот личен став како Атанас Кировски ми одговорија – Атанас Кировски работи за Би Би Си, тој е бренд на Би Би Си, и додека е во Би Би Си не може да соопштува лични политички перцепции и ставови, бидејќи го поврзуваат со Би Би Си.
Мојата работа беше да презентирам објективни, балансирани и непристрасни извештаи. Што помалку мои лични ставови во извештаите, толку подобри извештаите. Со тоа јас расчистив пред околу 20-ина години. Истото е и со новинарите на Телма. Нивна работа е да известуваат професионално, непристрасно и објективно. Се разбира дека имаат и свој сопствен став, мислење и перцепција за одредени политички феномени, но тие не смеат да и ги соопштуваат на јавноста ниту на Телма -многу е долно и недозволиво во репортерски извештај да има коментар -нити пак на ФБ или други медиуми.
Тоа е цената на професионалноста ако сакате јавноста да ве перцепира како неутрални известувачи. Во извештаите на новинарите не се мешам никогаш. Но инсистирам на објективност, непристрасност, баланс и added value во известувањето. Јас мислам дека така се води професионална редакција, која според сите истражувања имаше највисока доверба кај гледачите околу квалитетот и објективноста во известувањето.
Има и поинакви школи за тоа како треба да се води редакција, мојата школа е таа – англиската. Подготвен сум со секого да дебатирам зошто е тоа добра школа. Луѓе што немаат допирна точка со овој бизнис, а кои типично за Македонија се најкомпетентни за сè, се обидуваат да ме прозиваат. Немам намера да одговарам по ничии ѕидови како се води редакција. Нити да демантирам лаги дека наводно некои биле избркани од работа заради лични ставови по социјални мрежи. Засега ниту еден новинар не е санкциониран! А кој мисли дека е покадарен да води редакција – бујрум има стотици медиуми, посебно во денешно време кога за интернет медиум се потребни сосема скромни вложувања. Еве го и официјалниот став на Би Би Си во упатствата до своите новинари“, истакна Кировски.
Новинарката Кристина Озимец на својот Фејсбук профил напиша дека била избришана листата на пријатели, откако му искоментира на Кировски.
„Во име на поддршка кон колегите кои очигледно некој ги доведува во заблуда дека не смеат да коментираат на социјалните мрежи за политика, го споделувам коментарот кој го оставив на неговиот профил, поради кој бев избришана и не можам веќе да одговорам:
А што ќе се случи со еден уредник во БиБиСи, ако своеволно на лист хартија постави онакво известување до вработените новинари во таа куќа и потоа тоа протече во јавност? Има ли нешто за тоа во овие guidelines на сајтот барав не можам да најдам. Мислам дека си во голема заблуда околу слободата на говорот и изразувањето на современите новинари во 21 век и цензурата. Кога си прашувал за дозвола за гостување во медиум во БиБиСи пред 20 години, Марк Зукенберг уште бил во средно школо, а медиумите во нивната еволуција споредено со денес, биле во фаза на диносауруси. Во меѓувреме има еволуирано дури и државно спонзорираниот БиБиСи, па нивните новинари сите слободно користат Твитер и други социјални мрежи, се што треба да направиш за да го провериш ова е да ги отвориш нивните профили на Твитер. На водечките новинари во светот одамна не им е врв во новинарството јавен сервис како БиБиСи ама ај тоа е друга тема далечна за нас. Она што го цитираш како оправдување (вешт обид мора да признаам) се усвоени етички кодекси со препораки за однесувања на социални мрежи и тоа е неспоредливо со наредба од неколку чудни реченици напишана на лист од уредник за забрана за споделување на политички ставови преку социјални мрежи.
За давање изјава од име на медиумот единствено, се согласувам, за тоа може да постојат случаи кога е потребна дозвола и консултација бидејќи сепак во таков случај вработениот ја претставува телевизијата. Вие како медиум имате право да донесете етички кодекс за однесување на социјални мрежи и други етички правила според највисоки стандарди кои секако не смее да се косат со Уставот на РМ во кој е забранета цензурата. Имате ли таков кодекс усвоено, каков што усвоиле БиБиСи? Каде е на вашиот сајт, го има ли негде објавено како што го објавиле БиБиСи? Може линк? Имаат ли вашите новинари договори со клаузули ама баш исти какви што имаат новинарите на BBC? Уредникот нема право своеволно да им забранува на вработените новинари да коментираат на Фејсбук“, додаде Озимац.
Фоторепортерот Роберт Атанасовски на својот Фејсбук профил напишал: „Ова со забранава на Телма ич не ми се свиѓа. Да им забраниш на новинари да пишуваат… И сега новинарите ќе си објавуваат за времето и цвеќиња на Фeејсбук демек да бидат објективни. Ако некој пише нешто за политика одма е пристарсен и и нанесува штета на телевизијата!? Па некој може приватно да мисли што сака а пак да биде објективен на ТВ. Тоа подразбира да бидеш професионален во тоа што го работиш. Никаква гаранција не е ако ќути на Фејсбук дека ќе биде објективен. Може ќе му тежи па ќе си тера политика у телевизија што е уште поголема катастрофа. А може да си бара чаре на друго место што ми е поверојатно. А демек некој ќе седи и гледа кој што објавува па ќе мери дали е коментар или не е, и дали е за санкција. Абе крај на светот! Бог да чува! Дури и во Дневник во најцрните денови на луѓето не им беа забранети коментари на Фејсбук, мада тие си правеа самоцензура“, истакна Атанасовски.
Од Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари на Македонија и Советот за етика во медиумите до сега нема никаква реакција.
Д.М.