Македонскиот поет Митко Гогов од Струмица е добитник на наградата „Il Parnaso“, како еден од тројцата најдобри поети, во конкуренција на повеќе од 300 поети од целиот свет. Неговата поема „Брусни патеки“, на 26-ти јануари ќе биде наградена во Каникати, Сицилија во Италија. За да му биде врачена наградата, Гогов треба да присуствува на официјалната церемонија на која ќе се прогласуваат победниците и каде ќе учествуваат поетите од целиот свет. На својот Facebook профил, Гогов објави дека му е потребна финансиска помош за да може да замине во Италија и да ја подигне наградата.
Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Гогов вели: „До институции не се обратив, затоа што е премногу кратко времето, а бирократијата во државата знам како функционира, додека да се поднесе барање, а во периодов буџетите се затворени, додека се формира парламентот, Владата… И, сфатив дека е најдобро, најпрактично е да се обратам до онлајн заедницата, а не до институциите“.
Како што истакна Гогов, авионскиот билет до Палермо, веќе го купила Македонка која живее во Италија, а што се однесува до собраните средства од хуманите граѓан(к)и, Гогов сé уште не проверил колку средства се собрани, но, како што објави и на својот профил, доколку износот е повисок од потребното, по враќањето од Италија, остатокот од парите ќе ги донира.
М. Теговска