Осум милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Во патната инфраструктура ќе бидат вложени шест милијарди денари, а во железничката 2,2 милијарди денари, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го Предлог-буџетот пред матичната собраниска комисија.
Бесими повтори дека според сите карактеристики, предложениот Буџет за 2022 година е развоен, а капиталните расходи се на историски највисоко ниво од 14 проценти во вкупните расходи.
– Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 отсто во однос на 2021 година поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се планираат на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, истакна Бесими.
Од планираните шест милијарди денари во патната инфраструктура предвидени се средства за автопатот од Коридор 8, односно Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга- Ќафасан, Гостивар-Букојчани и Букојчани-Кичево (ЕБОР), како и за делницата Прилеп-Битола, додека со средства од ИПА ќе се имплементираат и проектите за изградба на Скопје-Блаце и Градско-Дреново.
– Во текот на 2022 година, со заем од Светска банка ќе продолжат активностите за реализација на Проектот за локални патишта, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија во износ од 738 милиони денари. Ќе продолжат и активностите за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од новата регионална иницијатива на Светска банка, од каде се обезбедени средствата за негово финансирање во износ од 399 милиони денари, најави Бесими.
За жлезничката инфраструктура во 2022 година се планирани 2,2 милијарди денари – за завршување на реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, како и за продолжувње на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
Ќе се вложува и во енергетиката.
– Предвидена е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар- Кичево и делница Свети Николе-Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, подвлече министерот.
Во однос на комуналната инфраструктура и управувањето со отпад, тој најави интензивна динамика на изградбата на водоводните и канализациските системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитната линија од ЕИБ во износ од 380 милиони денари.
– Преку Проектот за подобрување на општински услуги во износ од 435 милиони денари, финансиран од Светската банка, ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициски зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги кои имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди или пак, кои се од висок приоритет за општините. Во 2022 година со заем од Светска банка ќе започне да се реализира Проектот енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и јавни здравствени установи на централната власт. Со заеми од ЕИБ и ЕБРД, како и грант од ЕИБ, во 2022 година ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е Пречиситителната станица за отпадни води во Скопје. Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион, соопшти Бесими, презентирајќи го Предлог-буџетот за 2022 година.