Сто илјади вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс системот ќе стигнат во С.Македонија на 28 јуни, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој додаде дека половина од порачаните вакцини „Синовак“ од Кина ќе бидат испорачани на 27 или 28 јуни, а до крајот на месецов ќе дојде и останатата пратка од 250.000 кинески вакцини. Со овие дози, ќе бидат опфатени сите граѓани кои искажале интерес за имунизација на сајтот vakcinacija.mk.
За оние граѓани кои се пријавиле уште од почетокот на стартот на интернет страницата за имунизација, не добиле термин, а се во повозрасни години да се пријават преку матичните лекари, апелираше Филипче.
„На крајот на следната недела се очекуваат овие големи количини да пристигнат, за неделата потоа значајно да се забрза процесот на вакцинација, Во период од две недели сите пријавени граѓани кои чекаат термин, а тоа се близу 180.000 ќе добијат термин и се вакцинираат. За после тоа да ги отвориме пунктовите за сите кои ќе покажат волја да се вакцинираат на лице место“, рече Филипче.
„Има такви случаи во повеќе градови не само тука и нема друго објаснување освен дека е технички пропуст во податоците. Тие граѓани кои се во возрасната категорија каде сакаме да ставиме акцент, нека аплицираат повторно преку матичните лекари“, рече министерот за здравство, д-р. Филипче денеска во текот на посетата на Здравствениот дом во Битола каде се реновирани речеиси сите служби.