На овој летен кампус, учествуваат питомците и студентите од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Хрватска, Италија, Косово, Латвија, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија Соединетите Американски Држави, Унгарија и од Република Северна Македонија. Тие за време на вежбата ќе имаат можност да дадат активен придонес во реализација на симулирани мултинационални операции во поддршка на мирот во фаза на стабилизација, реконструкција и градење мир.
На отворањето се обрати заменикот министер за одбрана, Башким Хасани, кој посака успешна работа и рече дека летниот кампус нуди прекрасна можност покрај едукацијата, обуката и размената на искуства и знаења, да се изградат мостови меѓу различните култури и националности и да се креираат нови моќни пријателства помеѓу идните офицери.
-Ова е прв пат овој кампус да се организира откако нашата земја е членка на НАТО. Овој кампус е уникатна можност да се запознаете, да работите заедно во изнаоѓање решенија за идните предизвици во процесот на градење на мирот во постконфликтни операции како идни лидери на земјите на НАТО, рече Хасани.
Тојнагласи дека овој проект на Воената академија демонстрира силна посветеност во процесот на градење капацитети кои ќе се справуваат со новите безбедносни процеси.
-Кампусот е одличен пример за меѓународна соработка и партнерство меѓу земјите во регионот и пошироко, земји кои се долгогодишни партнери посветени на создавањето идни офицери способни да работат во мултинационална и мултикултурна средина, додаде Хасани.
Продеканот на Воената академија, полковник Елениор Николов, изрази голема благодарност до сите учесници за учество на кампусот, еден од најзначајните настани за Воената академија.
-Со учеството на оваа активност, вие ни помагате да ја градиме нашата воена академија во вистинска мултикултурна и родово сензитивна институција, рече Богдановски.
Програмата на кампусот ќе ја спроведат високо реномирани предавачи од реномирани институции и професионални инструктори, како од земјава, така и од вооружените сили од земјите кои учествуваат на кампусот. Кампусот ќе се реализира во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“.