Собранието на денешното продолжение на 46. собраниска седница го донесе Предлогот за изменување на Законот за животната средина.
Законските измени се однесуваа на укинувањето на психолошкиот тест, за именување на директор на Управата за животна средина и директор на Државниот инспекторат за животна средина.
Овие тестови се укинаа како услов за вработување на државните службеници, но и на именуваните функционери.
ВМРО-ДПМНЕ реагира на укинувањето на психолошките тестови, нагласувајќи оти со тоа се отвора можноста за партизирање на администрацијата.
Според опозицијата не е точно дека во земјава нема релевантна институција, која може да го спроведува психолошкиот тест. Тоа може да го прави Агенцијата за државни службеници, која ќе стои зад психолошките тестови и тоа може да го направи бесплатно.
За истата проблематика пратениците расправаа и по Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на природата, со кој се врши промена во условите кои се однесуваат на именување на директор на јавната установа Национален парк со бришење на условот за положен психолошки тест.
Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ вели смета дека тестовите за именуваните функционери не треба да се укинуваат и забележа дека за ова требало да се отвори широка дебата со цел критериумите за вработување да се унапредат.
– Можеби треба да се договориме и да разговараме и за пратениците да воведеме психолошки тестови. Ова се практики, кои се користат во други напредни земји. Сето ова се прави, според со цел да се партизираат институциите.
Според Жаклина Лазаревска од СДСМ најголема импровизација и грешка е ако се прават нестручни тестирања и врз основа на нив се изведуваат заклучоци за одредена оценка на личност.
– Тестот за интегритет или психолошкиот тест е укинат за да не се импровизира, затоа што не постојат лиценцирани стручни лица, кои би направиле посебни тестови за различни профили на работни места, рече таа.
За овој закон, како и за Дополнетиот предлог закон за измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства по расправата не се гласаше поради немање кворум
Според владејачкото мнозинство новото законски решение ќе го гарантира квалитетот на лековите што влегуваат во земјава преку обезбедување на оригиналниот серифиткат од производителот, но и со доказите со кои увозникот на лекот ќе го гарантира неговиот квалитет, како и дека ќе се почитуваат прописи при транспорт на лекот. Ова особено се однесува на биолошките лекови, за кои е неопходно е да се сочува студениот ланец при транспортот.
Јагода Шахпаска од СДСМ појасни дека со амандманската измена се се предвидува Агенцијата да издава одобрение за пуштање во промет на секоја серија на паралелно увезен лек откако подносителот на барањето ќе достави сертификат од анализа на квалитет на лекот што е предмет на паралелен увоз од производителот, приложен во оригинал и се однесува на земјата извор на паралелен увоз.
– Во Македонија влегуваа лекови со сомнителен квалитет, но и лекови за кои не беше обезбеден соодветен транспорт. Влегуваа лекови кои немаа исто терапевтско дејство, како што го имаат во земјата производител. Се јавуваат бројни несакани ефекти кај пациентите, кои преку своите здруженија ги адресираа како барања до народниот правобранител, кој покрена неколку истраги, рече таа.
Според Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ со обезбеудвање на сертификати во оригинална форма од земјата производител, што ќе падне на товар на веледрогериите, всушност ќе ја отежне нивната работата во увозот на одредени лекови.
– Со ова некои веледрогерии ќе можат да го направат тоа, а некои не. Со измените овозможувате монопол на увозот на лекови и обезбедување сертификати не е гаранција дека во РМ отсега натаму лековите што ќе бидат увезени се со добар квалитет, додаде таа.
На седницата е донесен Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица, а во прво читање се усвоени поминаа предлог на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, предлог на закон за приватните агенции за вработување. (МИА)