СОНК доби покана за продолжување на преговорите во 15 часот во просториите на Министертството за образивание и наука, соопшти на Фејсбук синдикалниот лидер Јаким Неделков, пренесува МИА.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура од понеделникот организира генерален штрајк во училиштата и градинките поради тоа што со Владата не постигна договор за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита.
На првиот ден на штрајкот, во понеделникот, беше најавено дека средба меѓу синдикатот и владини претставници ќе има деновиве во обид да се најде прифатливо решение.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа на 11 април го активираше најавениот штрајк.
Синдикатот бара платите на вработените веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
СОНК ја поздравува заложбата на министерот за образование и наука за изнаоѓање средства за задоволување на барањата на вработените во дејноста образование, соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, по изјавата на министерот Јетон Шаќири дека МОН е подготвен да пренамени дел од својот буџет за да се доближи до процентот на покачување на платите што го бара Синдикатот.
– Ова нека биде добар пример и поттик за Министерството за труд и социјална политика во правец на надминување на моменталната ситуација, објави СОНК и неговиот лидер Јаким Неделков на Фејсбук.
Министерот за образование и наука изјави дека е подготвен да направи отстапки од повеќе инвестициски и други активности дефинирани во програмата за работа на МОН за оваа календарска година, кои предизвикуваат фискални импликации, со цел да се обезбедат повеќе средства со кои ќе се доближи до процентот на покачување на платите на наставниците што го бара СОНК.
-Ова го побарав и од другите министри во Владата и во тоа гледам опција преку која би можеле да постигнеме решение во рамки на социјалниот дијалог со синдикатот. Штрајкот е почнат и бараме решение за надминување на ситуацијата што поскоро. Секако дека Владата ќе достави предлог до синдикатот, кој ќе биде соодветен на буџетските можности и се надевам прифатлив за СОНК. Да ги вратиме децата во училиштата, а потоа ќе дискутираме како ќе се надомести пропуштената настава, рече Шаќири во гостувањето на Алсат ТВ, додавајќи дека преговорите со СОНК се интензивираат и дека до крајот на оваа недела очекува да се постигне договор.