Советот на Општина Охрид денеска на седница ја усвои предлог-одлуката за мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и легализација на објекти до донесување на Планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион, или најдоцна до 1 февруари идната година.
Со оваа одлука практично се усвојуваат препораките што ги донесе Владата на 146-тта седница од 23 минатиот месец, препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците да се подржат активностите во насока на зачувување на заштитениот статус на градот под УНЕСКО.
Тој нагласи дека со усвојувањето на Предлог-одлуката за времен прекин на донесување и спроведување урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, започнува реализациј а на активностите на Акцискиот план.
Опозицијата во Советот најави дека ќе ги поддржи сите работи, активности што е во интерес на градот, граѓаните и заштитениот статус во УНЕСКО.
Кирил Пецаков, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со Советот на Општината, рече дека реалноста налага градот нешто под итно да стори за зачувување на брендот што го носи статусот во УНЕСКО.