На сопствената интерпелација министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги отфрли сите обвинувања на oпозицијата. Спасовски рече дека сега има голема разлика во МВР од времето кога ова министерство се нарекуваше МВР-ВМРО од времето на владењето на ВМРО-ДПМНЕ.
“Го затекнав МВР со 30 милиони евра достигнат долг, го затекнав како министерство во кое што не оствивте доволен број образци за пасоши со цел да создавате криза. 11 години немавте набавено никаква опрема. Мојата задача беше не да се жалам пред граѓаните туку да направиме нешто, да ги оставаме во функција капацитетите и да донесеме поголема безбедност”, рече Спасовски.
Првиот полицаец ги отфрли и обвинувањата за политички обвинувања.
“МВР не апси, туку обвинителството апси. Секогаш кога апсиме функсионери на ВМРО, тие се криминалци на ВМРО-ДПМНЕ, не се функционери, и ќе ги апсиме секогаш кога ќе има такви. Секогаш кога вршиме претрес во објекти на функционери на ВМРО-ДПМНЕ тие се лица кои држат недозволено оружје”, додаде министерот Оливер Спасовски.
И за обвинувањата за непотизам, Спасовски рече дека за таа тема најмалку треба да зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Според него секој функционер од опозициската партија има роднини вработени во МВР.
“Кога зборите за непотизам, секој од вас има по тројца вработени во МВР, синови, внуци, зетови. Барем вас не ви личи и не ви оди на прилог да зборите за непотизам ни во МВР ни во другите институции”, рече Спасовски пред пратениците.
Тој откри дека во време на ВМРО-ДПМНЕ се купиле и коли со многу поскапи цени за разлика од неговото раководство кога истите се купени поевтино.
А. Зеќири