Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски,во интервјуа за хрватската РТЛ и црногорската РТЦГ, истакна дека за утре бугарските истражни органи најавуваат обраќање со првични резултати од истрагата за автобуската несреќа.
„Врз основа на резултатите од истрагата ќе постапиме, гарантирам дека органите ќе реагираат брзо и ефикасно“, пишува Спасовски во објава на неговата официјална Фејсбук страница.
Тој информира дека идентификацијата на загинатите е започната, а на истата работат заеднички тимови од институтите за судска медицина од Северна Македонија и Бугарија, при што македонската страна учествува во обезбедување на ДНК материјал од роднините на загинатите. Според најавите на бугарските власти, целиот процес може да заврши за 7 дена, по што ќе бидат пренесени посмртните останки на жртвите, посочува Спасовски.
„Одговорноста е најважна, да се утврди одговорноста и да се сносат последици, за да не се повтори ваква ситуација. Апелирам да не се изнесуваат шпекулации во јавноста, за да не наштетат на истрагата“, порачува Спасовски на Фејсбук.
Тој воедно ја потврди информацијатадека денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски го потпиша одземањето лиценца за работа на превозникот Беса-Транс.
Ц.Д