Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на првата прес конференција по бегството на обвинетиот во „Таргет – Тврдина“ Сашо Мијалков, ја објави хронологијата на дејствијата на МВР и ЈО пред, и по бегството.
-МВР интензивно продолжува со потрагата на Сашо Мијалков. Во тек се информативни разговори со лица кои можат да поседуваат информации, или пак се поврзани со овој случај, изјави Спасовски.
Спасовски прецизира дека во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои и членови на обезбедувањето, и дека се одземени телефони, документација и други предмети кои би послужиле за расветлување на овој случај и дека се oбезбедени снимачи од згради и објекти и од камерите од Безбеден град.
-Дозволете ми пред сè да ги отфрлам сите шпекулации за било какви договори и со било кого. МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓањето и негово приведување пред лицето на правдата.“, истакна министерот Спасовски .
Министерството за внатрешни работи, на својата веб страница во делот на потраги, ажурираше објавената потерница по поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, од национална во меѓународна потерница.
На новинарско прашање дали се сомнева дека има „кртови“ во министерството, Спасовски изјави дека се сомнева во „кртови“ во целиот систем, во сите институции. Спасовски изјави дека проверуваат и меѓу своите редови, и дека тоа треба да се прави во сите институции на системот, и дека имаат сознанија дека Мијалков е се уште во државата.
Д. Т.