Премиерот Оливер Спасовски, во вечерашното гостување на „Топ тема“ се осврна на реакциите во јавноста за вториот сет мерки на Владата, сметајќи дека тие нудат директна помош за компаниите, задржување на работните места на работниците и генерално за граѓаните.
За мерките вредни 200 милиони евра рече дека нудат предвидливост на економијата. Според него, парите веројатно и не се доволни, но, не исклучува дополнителни мерки за помош на економијата во иднина. – Ние како влада сме на чисто дека ќе треба да го правиме тоа.
Вториот сет на мерки е за помош на реалниот сектор и економијата, бидејќи после кризата ни е битно економијата да продолжи да функционира. Да помогнеме на работниците и работодавачите да помогнеме и на самите себе. Се прават анализи во институциите. Ова се мерки кои доаѓаат од сите страни, политички партии, Стопански комори, синдикати, поединци, ги разгледуваме на Економскиот совет кој го формиравме, вели Спасовски.
Како што кажа Спасовски, врвен приоритет на Владата е здравјето и животот на граѓаните и затоа голем дел од ресурсите се насочени кон заштита на луѓето и намалување на ризикот од ширење на вирусот. На тој начин, според него, државата ќе биде поефикасна во делот на економијата и нејзино заздравување.
П.К.