МВР покрена пет постапки за говор на омраза на социјалните мрежи за трагичната сообраќајка на автопатот Скопје – Тетово.
Министерот Спасовски изјави дека веќе се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обвинителства во Скопје, Струмица и во Куманово.
Спасовски очекува денеска да има првични сознанија околу истрагата за автобуска несреќа.
„Истрагата трае. Во увидот беа вклучени професори од машински факултет, припадници на МВР, исто така од Бирото за судски вештачења под водство на надлежниот јавен обвинител. За утре ќе можеме да очекуваме првични сознанија околу аспектите кои што ги гледа истрагата“, изјави синоќа Спасовски во дневникот на телевизијата „1ТВ“.
Од ОЈО вчера соопштија дека Интензивно работат на утврдување на сите детали кои можат да ги откријат причините за несреќата.
„Автобусот на компанијата ‘Дурмо турс’, кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Машинскиот факултет која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија, утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година“, соопшти ОЈО Скопје.
Денеска е втор ден на национална жалост по смртта на 14-мина патници во сообраќајната несреќа што се случи пред два дена на автопатот Скопје-Тетово, каде автобусот на агенцијата „Дурмо-турс“ излета од автопатот, каде 37 патници се повредени, а во критична состојба се наоѓаат петмина.
А. П.