„Кога креираме планови за иднината не треба да забораваме од каде тргнавме, која беше основата. Во 2017 година МВР беше една од најнетранспарентните институции со историски најмала доверба кај граѓаните од околу 23 отсто, со никаква соработка со науката. Лоши услови за работа и со доведен во прашање човечкиот персонал“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на панелот: „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, на годишната конференција „Година на нови можности“.
„Сегашната доверба во МВР е над 50 отсто и сме една од трите најтранспарентни институции. Тоа се должи на добро поставените стратешки цели и реформските процеси кои ги спроведовме“, рече Спасовски.
Тој додаде дека освен тоа, финансиската состојба на министерството за внатрешни работи била многу лоша, со над 40 милиони евра задолженост. Министерот кажа дека оваа година Северна Македонија ќе биде домаќин на регионалната европска конференција на Интерпол, која ќе се одржи за Денот на полицијата 7 Мај во Охрид.
„Организацијата на оваа конференција е огромно признание за државата и работата на МВР“, рече Спасовски.
Тој додаде дека треба повеќе да зборуваме за борбата против корупцијата, и дека го радува фактот што јакне јавната свест кај граѓаните да пријавуваат корупција.
Министерот потенцира дека ФРОНТЕКС е значаен договор што го потпиша нашата држава за подобро да се справиме со мигрантската криза.
Д.М.
фото: Ангел Ангеловски