Српскиот претседател Александар Вучиќ во вонредно обраќање до јавноста нагласи дека Србија денеска на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк се приклучи кон осудата на нападот врз Украина.
Вучиќ, во обраќањето во живо, чиј почеток доцнеше 23 минути, истакна дека во текстот на резолуцијата што Србија ја поддржа не се споменуваат никакви санкции против Русија, туку Србија мора да го осуди нападот врз суверена земја. Тој додаде дека Србија денес е една од ретките земји во светот која не воведе санкции кон Руската Федерација по агресијата врз Украина.
Вучиќ на прес-конференцијата рече дека не станува збор за позицијата и нејзините принципи на Србија, туку за „многу тешки околности“.
„Целиот свет стана поинаков и ништо повеќе не е исто. На светската сцена се случија тектонски промени, а Србија е во исклучително тешка ситуација и има помалку од кога било разбирање за положбата на Србија и нашиот народ насекаде во светот.
Мислам дека ова е само почеток и тоа сакам да им го кажам на граѓаните на Србија. Притисоците врз нашата земја ќе бидат огромни. Верувам дека ќе бидеме сведоци на целосно уривање на постоечкиот поредок“, рече Вучиќ.
Тој ги нагласи стравувањата дека Русија може да биде исфрлена од Обединетите нации, што ќе овозможи промена на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која ја гарантира територијалната припадност на Косово со Србија.
„Тие планираат да одржат дебата за исфрлањето на Русија од ОН врз основа на член 6 од Повелбата на ОН, по што ќе има отворен притисок врз Кина да ја промени резолуцијата 1244, по што повеќе нема да имаме правна основа да се повикаме на зачувување на територијалниот интегритет“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека би следело признавање на независноста на Косово од НАТО и ЕУ, вклучително и членките на Унијата кои сѐ уште не ја признале државноста на Косово.
„Да бидам отворен – воопшто не ја исклучувам таа можност“, рече Вучиќ меѓу другото на своето вонредно обраќање.
Подготви: Д. Тахири